Одлуката на локалната власт во Битола да позајми автобуси од Скопје, во првиот момент не само што ги изненади туку и ги збуни превозниците, но и најголемиот дел од јавноста
Откако битолските автобуски превозници деновиве одбија да ги превезуваат учениците и граѓаните, општинската власт на таквиот ултиматум одговори со ново решение, кое во првиот момент не само што ги изненади туку и ги збуни превозниците, но и најголемиот дел од јавноста. Имено, општината деновиве зеде на „заем“ неколку автобуси од јавно сообраќајно претпријатие „Скопје“. Автобусите што веќе се „паркирани“ во дворот на општината Битола, во следните шест месеци ќе бидат користени не само за превоз на учениците туку, доколку продолжат уцените на превозниците, и за превоз на граѓаните.
– Општината Битола во никој случај нема да дозволи некој да нѐ условува и да си игра со нормалното функционирање на воспитно-образовниот процес. Останувам отворена за секакви дискусии, меѓутоа останувам и на мојот став дека нема да дозволам ништо што би било на штета на учениците. Битола досега плати доволно скапа цена за „бесплатниот“ превоз на учениците. Благодарение на добрата соработка со градот Скопје, добивме автобуси од ЈСП „Скопје“, со што во возниот парк на општината Битола имаме зголемен капацитет. Тие ќе бидат наменети за потребите не само на учениците туку и на граѓаните, онака како што ќе наложуваат околностите. Сите возила што се паркирани во дворот на општината ќе бидат соодветно користени во насока на подобрување на услугите кон граѓаните – објасни градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Позајмувањето на неколку автобуси од градот Скопје предизвика различни реакции во Битола. На темата со автобускиот превоз на патници и ученици во општината Битола деновиве, особено на социјалните мрежи, се води вистинска војна. Следејќи ги реакциите на социјалните мрежи, а со цел јавноста да се запознае со вистината за превозот, се огласи и претседателот на Советот на Битола, Валентин Груевски.
– Битолските училишта во овој момент должат 770.000 илјади евра само за превоз. Истиот долг е направен во некое минато време, од друга власт, но тоа сега е небитно.
Како настанал целиот проблем? Јавноста го знае тоа, но не во целост. Во минатиот период учениците се возени во исти автобуси со граѓаните и, за разлика од другите патници, за нив се фактурирани и наплаќани цени од кои боли главата. Така, на пример, за релацијата Битола – Новаци – Битола цената за еден ученик изнесувала 400 денари дневно, а за редовната линија 160 денари. На релацијата Битола – Братиндол – Битола учениците плаќаа дневна карта 250 денари, а за редовната линија патниците плаќаа 80 денари. Е, од вакви цени во Битола се направи случајот „Транспортер“, во кој буџетот е оштетен за повеќе од 300.000 евра, според обвинението. Од вакви цени се блокирани сметките на училиштата и од вакви цени секое училиште плаќа годишно и по десетици илјади евра само за извршители – објасни тој.
Сега општинскиот совет треба да изгласа нов тарифник за јавниот превоз, што беше една од причините за протестот на тамошните автобуски превозници и неколкудневниот застој во превозот на учениците и на граѓаните.