Новата студена војна се чини дека нема да заврши како претходната. Таа нема да триумфира со создавање „униполарен момент“, а можеби и воопшто нема да заврши, се вели меѓу другото во анализата на „Нешенел интерест“

Може ли да се најде формула за помирување на односите меѓу Истокот и Западот?

Одговорот на Западот предводен од САД на руската специјална воена операција во Украина беше импресивен, но тој брзо ги надмина границите на непосредниот судир и прерасна во поширок и подолготраен конфликт со Русија.
Таквата експанзија особено ја карактеризира декларираната цел на САД не само да се стави крај на агресијата во Украина туку генерално да се „ослабне“ Русија. Таа изјава за целите, веројатно, одразува сериозна надворешнополитичка одлука и не е само гаф како непишаниот коментар на претседателот Џо Бајден дека не може да му се дозволи на Путин да остане на власт. Но да се прогласи за цел слабеењето на Русија има два големи проблеми. Тоа, пред сѐ, се вклопува во пропагандата на Путин дека она што го прави Западот не е само одговор на војната во Украина туку одразува поширока закана за Русија. Декларацијата, исто така, го отежнува постигнувањето некакво решение за ставање крај на актуелната војна, со разбирливо намалување на довербата на Русија дека ќе добие значителен прекин на западните санкции и изолација, без разлика што прави во Украина, се вели во анализата на „Нешенел интерест“.

Приоритет мора да биде завршувањето на конфликтот

САД, всушност, започнаа нова студена војна со Русија. Да се потенцира ова, не значи истовремено да се распредели вината на кој било специфичен начин помеѓу Истокот и Западот. Без обид да се повторува историјата, во сегашниот пример Вашингтон имаше друга опција, да ја дефинира со внимателно одбрани термини својата загриженост за конфликтот во Украина и својата цел за ставање крај на руските операции.
Затоа, во блиска иднина, приоритет мора да биде завршувањето на конфликтот во Украина. Дури и без експанзивна реторика, таа задача ќе биде тешка. Ќе биде тешко да се најде формула што ги задоволува минималните барања на секоја инволвирана страна. Неуспехот да се најде таква формула, покрај продолжувањето на страдањата на украинскиот народ, дополнително ќе ја зацврсти новата студена војна со Русија како доминантна карактеристика на меѓународните односи во годините што доаѓаат. Тоа би било точно ако продолжи сегашното ниво на напади или ако состојбата прерасне во замрзнат конфликт без да се постигне разбирање за територијата што е под руска контрола.
Во официјалните кругови многу се размислува за тоа каде ќе се движи новата студена војна и како ќе заврши. Некои можеби се задоволни да водат таков конфликт на неодредено време, исто како што изгледаше дека има такви луѓе во првобитната Студена војна. Нова студена војна со Русија би била многу спротивна на интересите на САД и генерално на меѓународната безбедност. Тоа би имало неповолни импликации во однос на воените буџети, постојаниот ризик од кризи што ескалираат во војни и попречување на акцијата за глобалните проблеми од заеднички интерес, меѓу другото.

Разлики меѓу првата и новата студена војна

Корисно е да се потсетиме на ставовите за почетокот на првата Студена војна, на познатиот американски дипломат Џорџ Кенан. Кенан се залагаше за трпеливост во водењето на таа Студена војна и прогнозираше дека таа ќе заврши во временска рамка од десет до петнаесет години. Во реалноста, таа траеше повеќе од четириесет години, но крајот беше оправдување на анализата на Кенан дека советскиот комунизам го содржи семето на сопственото уништување и на крајот ќе пропадне од внатрешните слабости. Но првобитната Студена војна имаше изразен крај што не може и нема да се повтори во новата. Првата заврши со колапс на привлечноста и влијанието на марксистичко-ленинистичката идеологија, зачудувачки брзиот колапс на комунистичкото владеење во Источна Европа и конечно со распадот на самиот СССР, со тоа и периодот на владеењето на претседателот Борис Елцин со Руската Федерација.
Друга разлика со претходната Студена војна, која е неповолна за западните изгледи за „победа“ во новата, се однесува на моќта на Кина, која барем до оваа година почесто се споменуваше како главен непријател во новата студена војна. За време на поголемиот дел од американско-советската Студена војна, Кина беше обична комунистичка земја што имаше лоши односи со СССР поради гранична војна меѓу нив. Сега Кина е економска и сè поголема воена суперсила, која ѝ обезбедува стратегиска длабочина на Русија на Путин.

Сликата за САД некогаш и сега

Кенан идентификуваше уште еден клучен елемент за тоа како можат САД и Западот за извојуваат победа во новата студена војна, а тоа е колку добро САД се справуваат со своите внатрешни работи. Ова беше прашање за „степенот до кој САД можат да создадат меѓу народите во светот генерално впечаток на земја што знае што сака, која успешно се справува со внатрешните проблеми и со одговорностите на една светска сила и која има духовна виталност способна да се одржи меѓу главните идеолошки струи во тоа време“. Секој „приказ на неодлучност, неединство и внатрешно распаѓање во оваа земја“ би бил поттик за комунистичкиот противник.
Кенан пишуваше во ера на извонредно ефикасна двопартиска соработка во надворешната политика на САД, која ја поткрепи победата во Втората светска војна и создавањето на Обединетите нации и продолжи во првите години од првобитната Студена војна. Тој тогаш имаше добра причина да биде оптимист за капацитетите на САД да ги покажат квалитетите што тој ги сметаше за суштински за победа на глобалниот натпревар со СССР. Но денес постојат огромни разлики. Партизираноста во САД ги отфрли главните аспекти на надворешната политика исто толку колку што отфрли многу други. Самата американска демократија е на работ на неуспех. Претходно, на чело на САД беше претседател што му беше наклонет на Путин, кој немаше да ја отфрли опцијата да не испрати воената помош за Украина во обид да најде нешто што ќе го оцрни својот домашен политички противник.
Нова студена војна со Русија нема да донесе исход како претходната. Нема да заврши победнички со „униполарен момент“, а можеби и воопшто нема да заврши, заклучува „Нешенел интерест“.


Оруженото насилство во САД се зголеми во 2020 година, кога земјата се бореше со пандемијата на ковид-19, длабоките политички поделби, социјалните немири и социјалната изолација. Користејќи ги податоците за смртност од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), анализата откри дека вкупните смртни случаи поврзани со огнено оружје се зголемиле за 15 отсто во 2020 година, на 45.222, што е највисока бројка што досега ја регистрирала ЦДЦ откако почнала да ги следи смртните случаи од огнено оружје во 1968 година. Бројката вклучува 4.368 млади луѓе што починале од повреди настанати од огнено оружје, што во просек статистички значи дека дневно гинеле 12 деца и тинејџери.
Додека Америка тагува за своето последно масовно пукање, американското министерство за правда известува дека домашните производители на огнено оружје произвеле над 139 милиони парчиња огнено оружје за комерцијалниот пазар помеѓу 2000 и 2020 година. САД се единствената нација каде што бројот на цивилно огнено оружје е поголемо од бројот на луѓето, со тоа што имаат највисока стапка на цивилно поседување оружје, и тоа повеќе од двојно заедно со второпласираните Фолкландски Острови и со третопласираниот Јемен. Како резултат на насилство со огнено оружје, во САД животот го губат околу четири на 100.000 лица, што е осум пати повеќе од состојбата во Канада, која има седма највисока стапка на поседување оружје.

Подготвил: Марјан Велевски