Полска и Чешка се против плановите за проширување на персоналот на европската гранична агенција Фронтекс, стравувајќи дека ќе добиваат помалку европски средства за патна и железничка инфраструктура, изјави денеска во Варшава полскиот премиер Матеуш Моравецки.
Централата на Фронтекс се наоѓа во полскиот главен град и Агенцијата планира таму да изгради голема зграда на терен кој и е доделен од полската држава, во очекување на значително проширување на службата, кое го бараат Брисел и Берлин.
Според ЕК и Германија, тоа ќе овозможи поголема контрола врз миграциските текови, но неколку земји во Јужна и Источна Европа се против, сметајќи дека проширување на улогата на Фронтекс би го ограничило нивниот суверенитет.
– Според наше видување, значително зголемување на вработените на агенција Фронтекс е неосновано- изјави Моравецки на заедничка прес-конференција со чешкиот премиер Андреј Бабиш.
– Такви предлози навистина има. Сепак, ништо не може да се направи без пари. Се плашиме дека поголемо финансирање за Фронтекс би значело помалку финансии за структурните фондови за изградба на патишта и железнички линии -изјави Моравецки.