Компаниите потенцираат дека доколку не се остварат барањата за ослободување од царина на замрзнато свинско месо и не се изедначат условите за стопанисување со земјите од соседството ќе имаме зголемени цени на месните преработки, кои нема да бидат конкурентни на домашниот пазар, а сето тоа ќе се одрази и врз буџетот
Компаниите од месната индустрија бараат ослободување од царина на замрзнато свинско месо, во спротивно велат дека ќе има поскапување на сувомесните производи за 20 отсто и селење на капацитетите во соседството. Месната индустрија бара изедначување на условите за стопанисување со земјите во соседството, како во Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде што не се плаќа царина, или во Србија, каде што стапките се многу ниски и изнесуваат од 6 до 9 отсто.
Од Групацијата за преработка на месо и производи од месо при Стопанската комора на Северна Македонија бараат мерката за ослободување на 50 отсто од царината за увезени суровини, која истекува на 6 јуни, да се продолжи за најмалку шест месеци.
– Месната индустрија е пред колапс, бидејќи од една страна готовите производи се увезуваат со 0 отсто царина, а за основната суровина се плаќаат високи царини од 20 до 40 отсто. Оваа мерка, која за првпат беше воведена пред четири години, ја потврди оправданоста, со тоа што се зголеми производството на месни преработки, без последици од намалување на производството на свинско месо. Оваа барање е оправдано ако се има предвид растот на цената на пченицата, која од Нова година досега од 400 евра се качи на 1.200 евра по тон, на пченката од 300 на 800 евра по тон, енергентите пораснаа за 100 отсто, а на компаниите им беше отежнато и склучувањето нови договори. Се донесоа и две мерки – замрзнати цени и ограничени маржи, кои директно удрија врз стопанството, а војната во Украина го отежна снабдувањето со жито. Од друга страна, Европа се затвори и домашните компании не беа во можност да ги реализираат договорите за набавка на суровина – истакна Васко Ристовски од Стопанската комора.
Гоце Трајчев, претседател на Групацијата, вели дека Владата најмалку што може да направи во овој момент е да ја продолжи мерката за ослободување од царина на свинското месо за уште шест месеци, во спротивно ќе бидат принудени да ги зголемат цените на преработките за 20 отсто.
– Готовите производи што се увезуваат се без царина на нив, само се плаќа ДДВ, а ние плаќаме од 20 до 30 отсто царина за увоз на суровини. Бараме изедначување на условите за стопанисување, во спротивно голем дел компании најавија дека ќе ги преселат своите капацитети во соседството – вели Трајчев.
Тој додава дека Владата не треба да носи мерки што се штетни за стопанството, како замрзнати цени и ограничени маржи, туку треба да им помогне на социјално ранливите категории преку ваучери за купување домашни производи или за плаќање струја. Овие мерки, како што се потврди, не дадоа голем ефект врз животниот стандард на населението.
Компаниите од месната индустрија потенцираат дека доколку не се остварат барањата за ослободување од царина на замрзнато свинско месо и не се изедначат условите за стопанисување со земјите од соседството ќе имаме зголемени цени на месните преработки, кои нема да бидат конкурентни на домашниот пазар, а сето тоа ќе се одрази и врз буџетот.