Фото: Дарко Андоновски

Депозитите кај домашните банки се речиси во постојан пораст во изминатите години. Трендот произлегува од повеќе фактори, пред сѐ од довербата и сигурноста што банките ги уживаат кај домашните субјекти, обемот на понудата на инвестициски алтернативи во економијата, висината на животниот стандард, вообичаените штедни навики кај населението…

Каматните стапки за штедење во домашните банки во последниве неколку години значително се намалија, поради што опаѓа и заработката на штедачите. Сепак, ова не е доволна причина за граѓаните да ги извадат своите штедни влогови од банките, кои и понатаму растат со слично темпо како и претходните години. Упатените велат дека граѓаните имаат стекнато навики за штедење во банки од кои не се откажуваат, но додаваат дека врз одлуката каде да се пласира вишокот средства влијае и фактот што немаат друг начин да ги чуваат парите, а со тоа и да добиваат некаква заработка.

– Депозитите кај домашните банки се речиси во постојан пораст во изминатите години. Трендот кај депозитите произлегува од повеќе фактори, пред сѐ од довербата и сигурноста што банките ги уживаат кај домашните субјекти, обемот на понудата на инвестициски алтернативи во економијата, висината на животниот стандард, вообичаените штедни навики кај населението, присуството на претприемачки дух и инвестициски идеи, висината на каматните стапки и слично. При одделни минати кризни епизоди, како на пример глобалната финансиска криза, должничката криза во Грција, домашната политичка криза, се забележуваат извесни намалувања на износот на депозити кај банките. Ваквите појави се забележуваат пред сѐ кај средствата вложени од населението, како сектор што е повеќе подложен на психолошки притисоци, но тие се од краткотрајна природа, присутни во одделни месеци и вообичаено проследени со релативно брзо стабилизирање на депозитната база и повторно враќање на генералните трендови на пораст на вкупните депозити – велат од Народна банка на Република Македонија.

Една од причините поради кои граѓаните и понатаму штедат во банки, и покрај малата заработка, е фактот што немаат каде на друго место да ги вложат средствата, а не се сите подготвени да се вклучат со тргување со хартии од вредност, велат упатените.

– Факт е дека имаме намалувaње на каматите на депозитите, но тие го следат падот и на каматите на кредитите. Ако се разгледа низ годините висината на каматите на кредитите и на депозитите, ќе се забележи дека разликата меѓу нив секогаш е слична. Точно е дека поради големиот пад на каматите на депозитите се намалува и стимулот кај граѓаните за депонирање на средствата во банка, односно за штедење, бидејќи заработката е многу мала. Намалената заработка е причина граѓаните да се вртат кон друг тип инвестирање, поточно кон купување акции и хартии од вредност, но има и такви што вложуваат и во недвижнини. Сепак, искуството покажува дека мал дел граѓани ќе се решат на таква инвестиција, бидејќи ја сметаат за поризична. Во светот има и други форми на штедење, како на пример во животно осигурување, но тоа како форма кај нас се уште е во зародок и допрва треба да се промовира за граѓаните да ги увидат предностите и придобивките од тоа – вели некогашниот гувернер Љубе Трпевски.

Тој додава дека банките во основа работат со средствата од депозитите, кои потоа ги даваат како кредити и од каматите за кредитите заработуваат. Сепак, посочува дека бидејќи граѓаните немаат каде да ги носат парите, не се сите подготвени да одат на берзата и таму да го вложат вишокот расположливи средства, поради што нема опасност штедните влогови да се намалат.

Во согласност со важечката регулатива во Македонија, депозити можат да собираат единствено банките и штедилниците што имаат дозвола за основање и работење издадена од гувернерот на Народната банка. Депозитите на граѓаните вложени во банките и штедилниците се осигурени во Фондот за осигурување депозити во износ до 30.000 евра во денарска противвредност.

– Со оглед на имплицитната гаранција за сигурноста на вложените средства во банките, депозитите на граѓаните вообичаено носат понизок принос, чија големина вообичаено е однапред определена во вид на фиксни каматни стапки за одредена рочност или однапред определива во вид на каматни стапки поврзани со движењето на избрани пазарни референтни стапки. Наспроти ова, другите инструменти во кои граѓаните можат да ги вложуваат своите средства претставуваат алтернативи што вообичаено означуваат и преземање одредено ниво инвестициски ризик од страна на вложувачот, за што и во финансиската теорија општо е прифатено дека постои повисока компензација во форма на повисок очекуван принос – велат од НБРМ.

Од институцијата појаснуваат дека повисок принос се однесува на пример за вложувања во домашни инвестициски фондови, инвестирање во сопственички и/или должнички хартии од вредност, а во иднина и вложувањата во финансиски инструменти во странство по нивното либерализирање со приближувањето на Република Македонија кон членство во ЕУ, односно со преминувањето во втората фаза од спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Од банката објаснуваат дека поради инвестицискиот ризик што го презема вложувачот при ваквите инвестициски алтернативи, тие не се сметаат за конвенционално штедење и никаде во светот, па ни во Македонија, не се предмет на покритие со националните воспоставени системи за осигурување на депозитите во банките.


Граѓаните се наклонети кон штедење

Ниските каматни стапки што тековно преовладуваат на глобалните финансиски пазари и, следствено, се пренесуваат и во домашната економија, пред сѐ кај депозитните продукти на банките и штедилниците, секако, претставуваат фактор што може да влијае во насока на зголемување на интересот и на расположението на јавноста за преземање инвестициски ризик, велат од Народната банка на Република Македонија.
– Сепак, последните расположливи податоци на НБРМ, на крајот од 2017 година, покажуваат дека повеќе од две третини од финансиската актива на домаќинствата се претставени преку депозитите во банките и штедилниците, додека заедничкото учество на вложувањата во хартии од вредност и во удели во инвестициски фондови е околу 10 отсто. Пензиските заштеди учествуваат со 16,5 проценти, денарската готовина со 6, а полисите за животно осигурување со нешто над 1 отсто. Оваа структура јасно покажува дека домашното население има значително поизразени склоности за банкарските депозитни односно штедни производи, наспроти другите финансиски средства или инвестициски алтернативи – појаснуваат од НБРМ.