Самостојна изложба на уметницата Кристина Зимбакова е отворена на универзитетот „Аристотел“ во Солун, Грција. Ликовната изложба се одржува во рамките на меѓународниот симпозиум „Силвија Плат и трансатлантицизмот“ и ја сочинуваат слики поттикнати од творештвото и писмата на Плат – клучна американска поетеса на дваесеттиот век.
Делата на Зимбакова се создадени во последниве години, во комбинирана техника на платно и на хартија од габи рачно изработена од авторката. Кураторка на поставката и организаторка на настанот е Емили Вандајн од САД, која е фулбрајт гостувачка професорка на универзитетот „Аристотел“.
Во творештвото на Кристина Зимбакова се испреплетени сликарството, поезијата и природните науки. Делата се симболични и фигуративни, а габите и лишаите се најкарактеристичен медиум. Изложувала во Македонија, Европа и во САД, а од самостојните изложби се издвојуваат следниве: галеријата „Расклон“, планината Родопи, Бугарија (2020): врвот Сечена Скала (1.740 м н.в.), планината Беласица (2019); универзитетот „Алстер“, Белфаст, С. Ирска (2017); Научниот собир на Европскиот совет за зачувување на габите, Охрид (2017).