Во светот има доволно храна, проблемот е во нејзината дистрибуција и е поврзан со ситуацијата во Украина, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
– Во светот има доволно храна за сите. Проблемот е дистрибуцијата и таа е тесно поврзана со ситуацијата во Украина – рече Гутереш, говорејќи на состанокот на Советот за безбедност на светската организација посветен на конфликтите и безбедноста на храната.
Обединетите нации работат на постигнувањето договор за укинување на ограничувањата за украинскиот извоз на земјоделски производи, храна и ѓубрива од Русија, рече тој.
– Работиме на пакет договор што ќе и помогне на Украина да извезува храна не само со железница, туку и преку Црно Море, а храната и ѓубривата од Русија ќе ги врати на светските пазари без ограничувања – рече генералниот секретар на ОН.