Квалификувањето ќе биде засновано врз спортски перформанси и сонот за учество ќе остане за сите клубови. Задоволен сум што тоа беше едногласна одлука, што е уште еден доказ дека европскиот фудбал е пообединет од кога било порано, рече претседателот на УЕФА, Чеферин. ЛШ ќе има 36 тима од сезоната 2024/2025, нема да има групна фаза, туку една лига, секој тим ќе одигра по осум меча, најдобрите осум директно ќе одат во осминафиналето, а следните 16 ќе разигруваат за преостанатите осум места

ФУДБАЛ – РЕФОРМА НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Во Лигата на шампиони (ЛШ) од сезоната 2024/2025 ќе има четири екипи повеќе (од 32 на 36), а првиот дел со осум групи ќе биде заменет со една лига, реши Европската фудбалска унија (УЕФА). Секој тим ќе одигра по осум меча (сега по шест), по четири дома и на гости. Најдобрите осум тима директно ќе се квалификуваат во осминафиналето, а тимовите од деветтото до 24-то место, во два плејоф-меча ќе разигруваат за преостанатите осум места.
– Убедени сме дека избраниот формат ја постигнува вистинската рамнотежа, оти ќе ја подобри натпреварувачката рамнотежа и ќе генерира солидни приходи, кои ќе можат да се распределат на клубовите, лигите и во грасрут-фудбалот низ нашиот континент, истовремено зголемувајќи ги привлечноста и популарноста на нашите клупски натпреварувања – рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
По консултациите со повеќе различни страни, вклучувајќи и со навивачите, УЕФА го повлече предлогот за 10 натпревари во првата фаза од натпреварите, како и тоа две од четирите нови места да бидат резервирани за тимови врз основа на клупскиот коефициент, односно за „минати заслуги“ во текот на пет сезони. Наместо тоа, тие две места ќе бидат доделувани врз основа на постигнувањата на клубовите од една земја во текот на претходната европска сезона.
– Не можам од оваа перспектива да проценам дали проширувањето и новиот формат на Лигата на шампионите е добра работа и дали ќе биде некакво унапредување на она што сега постои. Мислам дека времето ќе биде најдобар судија, ќе треба да почекаме да почне таа нова лига, па да извлекуваме заклучоци. Не се сомневам дека тоа и понатаму ќе биде квалитетно, интересно натпреварување, таму се и ќе бидат најдобрите и најбогатите тимови од најдобрите лиги во Европа. Со проширувањето повторно ќе профитираат најдобрите клубови и лиги, тие ќе добијат дополнителни места, но тоа е фудбалската реалност. За помалите тимови од послабите лиги шансите да стигнат до Лигата на шампионите ќе бидат сѐ помали и ќе мора да се задоволат со играње во Лига Европа или во Лигата на конференциите – вели Ѓоре Јовановски, познат тренер и поранешен фудбалер.

Доколку се оценуваше оваа сезона, тие две асоцијации ќе беа Англија и Холандија. Едно од четирите нови места ќе биде за клубот што е третопласиран во шампионатот на земјата што е петторангирана кај УЕФА. Во моментов тој тим се приклучува во третото квалификациско коло.
– Мислам дека станува збор за уште поголема комерцијализација на фудбалот на сметка на квалитетот. Лигата на шампионите е многу атрактивна, многу е гледана, големи пари влегоа во фудбалот, сѐ се врти околу тоа, така и се проширува, со тимови од најсилните лиги, не од некои послаби, со непознати тимови. Во таа лига и понатаму ќе бидат најдобрите тимови, но ќе има и некои послаби, сепак, ќе бидат 36 и не знам како сето тоа ќе изгледа и колку ќе бидат интересни натпреварите, посебно во првата фаза, како за навивачите на стадионите така и за љубителите на фудбалот пред ТВ-екраните. Потоа ќе следува нокаут-фазата, ќе се издвојат најдобрите, најатрактивните тимови, ќе биде возбудливо, тука немам дилеми – вели Кочо Димитровски, легендата на Вардар, рекордер според бројот на одиграни натпревари, 845.
Четвртото место е за шампион на земја од која автоматски не оди во групната фаза, со зголемување на бројката од четири на пет тима што низ квалификациите, преку т.н. „Пат на шампионите“, ќе се пласираат во главната фаза на ЛШ.
– Задоволен сум што тоа беше едногласна одлука на Извршниот комитет и поради тоа што Европската клупска асоцијација, европските лиги и националните асоцијации се согласија со предлозите. Тоа е уште еден доказ дека европскиот фудбал е пообединет од кога било порано. Квалификувањето ќе биде засновано врз спортски перформанси и сонот за учество ќе остане за сите клубови – рече Чеферин.


ЕВОЛУЦИЈА НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

ГОД. ИЗМЕНА
1955 нокаут-формат цела сезона, по еден тим од земја
1970 воведено е правилото „гол на гости“
1991 групна фаза со осум тима, победниците на групите во финале
1993 воведено е полуфинале по групната фаза
1994 групна фаза со 16 тима, воведено е четврт-финале
1997 групна фаза со 24 тима, најмногу по два тима од една земја
1999 две групни фази (32 и 16), најмногу по четири тима од една земја
2003 групна фаза со 32 тима, воведено е осминафинале
2018 автоматски пласман во ЛШ за победникот на ЛЕ
2021 укинато е правилото „гол на гости“
2024 укинати се групите, воведена е лигашка фаза со 36 тима

  • ЛШ ОД СЕЗОНАТА 2024/2025
    36 тима (досега 32), нема групи (досега осум), сите се во една лига
  •  секој ќе одигра по осум меча (досега по шест), според швајцарски систем
  •  првопласираните осум тима одат во осминафиналето
  • 16 тима ќе разигруваат за преостанатите осум места
  • идниот првак ќе одигра 15 или 17 меча (досега 13) и повеќе ако е од квалификациите