Фото: Фејсбук/Министерство за одбрана на Финска

Една од најстрашните последици за рускиот претседател Владимир Путин од војната во Украина претставува можноста за приклучување на Финска кон НАТО, наведува „Си-ен-ен“. Пред отпочнување на специјалната операција во Украина, Путин го нагласи верувањето дека НАТО премногу се доближил до Русија и оти треба да се врати на границите од 90-те години на минатиот век, пред државите во близина на Русија да се придружат на воената алијанса.

Финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто, се обрати пред европратениците утрово, додека неговата влада и официјално ја соопштуваше одлуката за апликација за полноправно членство во НАТО. Тој објасни дека инвазијата на Украина од страна на Русија трајно го измени безбедносниот пејзаж во Европа и во Финска, набројувајќи низа причини поради кои Финска го промени курсот на својата надворешна и безбедносна политика и одлучи да ѝ се приклучи на Северноатлантската алијанса.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја поздрави одлуката на финските лидери да го поддржат пристапувањето кон Алијансата и кажа дека евентуалниот процес за членство ќе биде „лесен и брз“. Официјалната изјава за пристапување се очекува в недела.

Русија моментно дели околу 1.200 километри копнени граници со пет членки на НАТО според Северноатлантската алијанса. А приемот на Финска во НАТО ќе значи дека државата со која Русија дели граница долга 1.287 километри формално ќе стане сојузничка на САД.

Не само што ова претставува лоша вест за Кремљ, туку приемот на Финска би бил и голем успех за НАТО. Финска поседува значителна воена моќ, наспроти малобројното население. Финската војска со децении користи опрема купена од САД што е компатибилна со стандардите на НАТО, што значи оти лесно би можела да се приклучи на Алијансата.

Влезот на Финска се очекува да го прошири влијанието на НАТО во северна Европа до Арктикот, во областа што стекнува се поголем геополитички значај поради богатството со природни ресурси, стратешката локација и бројните територијални претензии, вклучувајќи ги оние на Финска, Русија и на САД.

Згора, одлуката на Финска за поднесување кандидатура за членство во НАТО би можела да ја поттикне соседната Шведска да го стори истото, бидејќи двете држави имаа сличен одговор по отпочнувањето на воените дејствија во Украина.

Во преодниот период додека се одлучува за кандидатурата на Финска, се очекува членките на Алијансата, првенствено Обединетото Кралство и САД, да ја гарантираат безбедноста на скандинавската држава.

Русија претходно го предупреди НАТО дека таа ќе преземе акција на Балтикот, доколку Финска и Шведска ѝ се приклучат на воената алијанса.

Кремљ денеска објави дека чекорот на Финска кон членство во НАТО е „дефинитивно закана за Русија“ и дека проширувањето на северноатлантскиот воен блок нема да го направи светот постабилен. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес-конференција кажа дека чекорите што ги презема Финска кон НАТО се за жалење и причина за адекватен одговор, пренесуваат светските медиуми.


Медведев предупреди на можна нуклеарна војна меѓу Русија и НАТО

Снабдувањето на Украина со оружје ја зголемува веројатноста за конфликт меѓу Русија и НАТО, кој може да прерасне во нуклеарна војна, предупреди денеска рускиот заменик-претседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев.

– Обидите на НАТО земјите да ја преплават Украина со оружје, да ја обучат украинската армија со западна опрема, да испратат платеници и да одржуваат вежби во близина на нашите граници, само ги зголемуваат шансите за директен и отворен конфликт меѓу Русија и НАТО, наместо постојната посредничка војна – напиша Медведев на Телеграм.

Тој смета дека „секогаш постои ризик таквиот конфликт да се претвори во целосна нуклеарна војна“.

– Тоа ќе биде катастрофално сценарио за сите – предупреди Медведев.