Во напредните светски економии се рашири нов консензус
Долгогодишните критичари на глобализацијата што предупредуваа дека ќе заврши лошо, сега го доживуваат тој момент. Порозните граници, слободната трговија и оптоварените синџири на снабдување ќе го направат светот послаб, како што тие предупредуваа, оставајќи ги земјите опасно ранливи на нарушувања и шокови. Потребни беа протекционистички претседател на САД, глобална пандемија и нова европска војна за да се докаже дека се во право.
Со години, критичарите главно беа игнорирани бидејќи придобивките од глобалната интеграција беа премногу привлечни за оние што ги влечеа конците во владите и големите корпорации. Оние што не се согласуваа со нив можеа само да предизвикаат мали пречки. Тие ги принудија поборниците на глобализацијата да прифатат неколку мали кочници за неограничената трговија и мобилност, како што се работните и еколошките стандарди за трговија и построгите гранични инспекции за луѓето и стоките.
Сега кога нарушувањата се нижат, во напредните светски економии се рашири нов консензус, а тоа е дека е време за деглобализација. Подобрата опција сега е построго да се контролираат границите, да се градат флексибилни синџири на снабдување, да се цели на независност во критичните технологии и да им се воведат трговски санкции на противниците, без оглед на глобалните трговски правила. Но деглобализацијата има своја долга листа на цени и опасности, од зголемена инфлација и недостиг од работна сила до обновување на протекционизмот и шокови на глобалниот финансиски систем. Потребна е силна опозиција за да се истакнат тие цени и да се помогне да се повлечат владите од поекстремните верзии на распаѓање.
По неколку години прекини во синџирот на снабдување и нова рунда карантини поради ковид-19 во Кина, компаниите работат на градење скапи складишта за да се заштитат. Во Канада, магацинскиот простор е речиси исцрпен. Извршниот директор на Управата за пристаништа во Монтреал, Мартин Имбло, изјави за „Блумберг“ дека компаниите сега „купуваат стоки не три недели, не три месеци, туку шест месеци пред време и ги складираат некаде“. Отпорноста можеби е единствената разумна стратегија во сегашната глобална средина, но ќе биде скапа за компаниите и потрошувачите.
Обновувањето на производството на критични добра, како што се медицинска опрема и полуспроводници, е уште еден популарен и разбирлив одговор на ранливостите што ги изложи пандемијата и зголемените геополитички тензии. На пример, доколку Кина се одлучи на офанзива против Тајван, може да уништи дури 90 отсто од глобалното производство на најнапредните светски полуспроводници. Но, така, трошоците за обновување на производството би биле значителни. Американскиот Конгрес моментално е во завршна фаза на легислатива, со што би се ослободиле повеќе од 50 милијарди долари од даночните обврзници за да се прошири производството на полуспроводници во САД. На сличен начин, Европската Унија (ЕУ) развива сопствен пакет субвенции од повеќе милијарди долари, чија цел е да го зголеми својот удел во глобалното производство на чипови од девет на 20 отсто до 2030 година.
Залагањето за поголема независност носи и други ризици, кои е потешко да се оценат. Кога пандемијата се рашири, речиси секоја нација во светот се сврти кон дома, затворајќи ги границите во обид да го спречи ширењето на вирусот. Ниту една земја не го направи тоа потемелно од Кина, која ги држеше своите граници затворени повеќе од две години, што беше, барем за одредено време, успешна стратегија за спречување на ширењето на инфекциите со ковид-19. Но пандемијата се совпадна со оддалечувањето на Кина од нејзиното долгогодишно прифаќање на глобалната економија за да продолжи со поголема технолошка автономија, делумно за да ги поттикне националните иновации и да ја намали зависноста од САД и другите западни земји.
Во врска со доселувањето, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден беше толку преплашена од обвиненијата на републиканците дека ги фаворизира „отворените граници“, што почна да се движи со бавно темпо за да ги укине ограничувањата на влезот во државата, кои беа наметнати во пандемијата од поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп. Дури и претседателите што го поддржуваат доселувањето, како Џо Бајден, сега мораа да попуштат пред мантрата за граничната безбедност. Похрабриот претседател може да истакне дека САД се соочуваат со најголемиот недостиг од работна сила во својата понова историја, со милиони работни места што остануваат празни. Ако продолжеа трендовите на доселување пред пандемијата, денес во земјата ќе имаше околу 1,8 милион повеќе работоспособни доселеници, што значително ќе го олеснеше тој недостиг.
На крајот, агресивната употреба на Западот на трговски и финансиски санкции против Русија, исто така треба внимателно да се испита и критикува. На западните банки им е наредено да замрзнат околу 300 милијарди долари од средствата на руската централна банка, а Русија не може да ги увезува повеќето од западни стоки. Колку и да се неопходни, овие чекори ќе поттикнат многу земји уште повеќе да се свртат кон дома и да бараат поголема независност за да се заштитат од тоа да бидат цел на слични западни мерки. Правилата што овозможија голем дел од светот да има корист од глобалната трговија дополнително ќе бидат ослабени.
Не постои начин да се врати светот од 2022 назад во 1990 година. САД и Европа се послаби, Кина е посилна и похрабра, а Русија сега изгледа заглавена во долгогодишно непријателство со Западот. Ниту, пак, светот треба да ја прецени можноста за политичарите и технократите да го променат текот на деглобализацијата. Исто како што глобализацијата беше водена од поголеми сили, од поевтино океанско доставување до комуникациската револуција создадена од интернет, деглобализацијата во тековната ера е водена од моќни автократи со територијални амбиции и домашни популисти, кои се непријателски настроени кон глобалните институции и врски од секаков вид. Но, на маргините, политичките лидери можат да изберат дали да ги забрзаат овие трендови, како што направија Трамп во САД и поддржувачите на брегзит во Велика Британија, или да ги забават.
Во осмислувањето политики за спречување на ексцесите на поддржувачите на деглобализацијата, новите неистомисленици ќе се соочат со предизвици. Многу азиски нации се желни за нови американски иницијативи за трговија, кои би можеле да помогнат во решавањето на предизвиците во синџирот на снабдување, но американските демократи веќе го најавуваат обновувањето на американската индустрија. Русија порача дека ќе ги оспори економските санкции на Западот во Светската трговска организација. Наместо да се обидуваат да ја исфрлат Русија од организацијата, САД и нивните партнери треба да ги применат мерките што се компатибилни со правилата за глобална трговија.
Ваквите препораки сигурно ќе бидат игнорирани. Но поголемата цел треба да биде да се поставуваат прашања, рано и често, за цената на деглобализацијата. Светот што доаѓа можеби ќе биде поотпорен, но ќе биде и посиромашен, помалку иновативен, поделен и повеќе склон кон конфликти. Критичарите на глобализацијата го години играа вредна улога, дури и кога беа главно игнорирани, со тоа што го насочија вниманието на желбите на поддржувачите. Но улогите сега се сменети.
Подготвил: Митко Јовановски