Европските земји ги прославија Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, во спомен на почетокот на Европската Унија и крајот на Втората светска војна во Европа во 1945 година. Оваа година се навршуваат 77 години од крајот на Втората светска војна и 72 години од започнувањето на иницијативата на Европската Унија. Во земјите на ЕУ, Денот на Европа е од посебно значење како ден што означи пресвртница во односите меѓу европските земји и го отвори патот за создавање заедница на држави на тој континент, додека во Русија фокусот е ставен врз прославата на победата во Втората светска војна. Во Стразбур вчера беше затворена Конференцијата за иднината на Европа, во присуство на претседателот на Франција, Емануел Макрон, и претседателките на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лејен и Роберта Мецоле. Францускиот претседател Макрон денеска во Германија ќе се сретне со канцеларот Олаф Шолц.
На 9 мај, Русија ја организира традиционална воена парада на Црвениот плоштад во Москва, која ги прикажува воените достигнувања. Рускиот претседател Владимир Путин го повтори своето обвинување дека Западот не му оставил друг избор освен да ја нападне Украина, во говорот одржан за време на парадата на Денот на победата на Русија, годишна комеморација од победата врз нацистичка Германија на крајот на Втората светска војна.
Си-ен-ен истакнува дека говорот даде малку детали за тоа како Русија планира да продолжи во Украина, со оглед на неколкудневните шпекулации дека Путин ќе го искористи настанот за да објави големо соопштение.
Земјите од ЕУ и некои други европски земји го прославија Денот на победата над фашизмот на 8 мај. Денот на Европа е востановен во спомен на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман од 1950 година, што се смета за прв официјален чекор во создавањето на ЕУ. Декларацијата беше предлог до поранешните непријатели, Франција и Германија, да воспостават нова форма на соработка за војната во Европа никогаш повеќе да не се повтори. Предлогот доведе до создавање на Европската заедница за јаглен и челик во 1951 година, претходник на Европската економска заедница, односно денешната ЕУ.