Сакам да „украдам“ топка и да асистирам

Помладите гледачи секогаш ќе се идентификуваат и поголемо внимание ќе им посветуваат на оние што постигнуваат голови, бидејќи тоа е најдоброто нешто во фудбалот. Се фокусирам на тоа како да им помогнам на соиграчите да ја подобрат својата статистика, вели Фабињо

ФАБИЊО, ФУДБАЛЕР ОД СРЕДНИОТ РЕД НА ЛИВЕРПУЛ

Бразилецот Фабињо, фудбалер за врска на Ливерпул, нема ништо против тоа што го нема на насловните страници, сѐ додека со својата игра му помага на тимот да победува и да освојува трофеи. Во интервјуто за интернет-страницата на Европската фудбалска унија тој зборува за неговата улога во тимот, за постигнатите голови… Фабињо (28), поранешниот десен бек, кој потоа стана дефанзивен играч за врска, блеска на таа позиција во Ливерпул, кој сезонава е во трка за титулата во Англија и е во финалето на Лигата на шампионите. Тој пристигна од Монако во 2018 година, а сега е клучна фигура на „Енфилд“. Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, со одушевување зборува за него.
– Тој е на врвот од кариерата, сто отсто, ни дава можности да играме како што играме, заедно со центархалфите, за да можеме да се фокусираме на офанзивата. Тој е многу важен играч за нас – вели Клоп.
ЗА УЛОГАТА ВО СРЕДНИОТ РЕД: Многу често ја примам топката и вклучен сум во креирањето на играта. Добро е што секогаш ја имам топката и што постојано сум вклучен во транзициите. Ми се допаѓа и тоа што има движења што можам да ги предвидам за да пресретнам некои додавања. Сакам да „украдам“ топка, да ја одземам од противничкиот тим и многупати, во зависност од тоа каде ќе се освои топката, можам да проиграм соиграч што е во добра напаѓачка позиција. Тоа е она што најмногу уживам да го правам. Напаѓачите почесто се на насловните страници, оти постигнуваат голови и имаат подобра вкупна напаѓачка статистика, и тоа е нормално. Помладите гледачи секогаш ќе се идентификуваат и поголемо внимание ќе им посветуваат на оние што постигнуваат голови, бидејќи тоа е најдоброто нешто во фудбалот. Се фокусирам на тоа како да им помогнам на соиграчите да ги подобрат својата игра и ефикасност, појаснува Фабињо.

ЗА ПРИСПОСОБУВАЊЕТО ВО ЛИВЕРПУЛ: Секогаш е тешко кога ќе пристигнете од една во друга лига. Во сезоната пред да дојдам, Ливерпул играше во финалето на Лигата на шампионите и беше меѓу првите четири тима во Премиер-лигата. Почетните 11 веќе беа добро познати, постојано играа добро, па беше тешко да се влезе во тимот. Но, како што одминуваше времето, успеав да покажам дека заслужувам место во првите 11, по што можев и да го задржам местото, вели Фабињо.
ЗА ГОЛОВИТЕ СЕЗОНАВА: Во однос на статистиката, претпоставувам дека тоа не треба да биде најважното нешто за играч во мојата улога, но добро е кога можам да му помогнам на тимот со асистенции и со голови. Затоа мило ми е што постигнувам голови и што му помагам на тимот во нападот. Очекувам да продолжам да придонесувам во таа област. Сакам да продолжам со добрата игра во одбраната и, се разбира, се надевам дека тоа ќе се претвори во добра колективна статистика и дека ќе освоиме трофеи, смета Фабињо.