Навистина е парадоксално за овие 30 и кусур години да не се направи ниедна добра стратегија за подобрување на условите за живот на ова мало парче земја, каде што секое камче раскажува приказни од минатото. Низ вековите, животот тука никогаш не бил лесен, многумина си заминале, но, ете, сме опстанале и уште нѐ има, уште сме тука
Пред некој ден, една колешка на работа ни соопшти дека нема веќе да биде дел од нашиот колектив. Сите ѝ посакавме среќа, а подоцна дознав дека со семејството се сели во Германија. Двете дечиња, син и ќерка, близнаци, од септември ќе тргнат на училиште, ама нема да ја учат македонската, туку германската азбука. И така, година по година, ќе го заборават мајчиниот македонски јазик, како многу други пред нив. Некој порано, некој подоцна. Тешко е и болно на стари години да се менува дом, навики, да се живее во друга држава, само за да се биде со своите деца.
Верувам дека не постои човек во Македонија што нема член од потесното и поширокото семејство, пријател, сосед, колега… да не заминал во странство, во потрага по подобар живот. Прво сите велат дека тоа е привремено и оти ќе се вратат, но во 90 отсто од случаите тоа е – засекогаш. Да не зборуваме за тоа дека, според последните анкети, тоа е и желбата на голем број млади луѓе во нашата земја, во голем процент.
Јас имам внука што живее во Германија, на мажот ми внуката живее на Нов Зеланд со семејството, имаме роднини и познати во Словенија, Италија, Белгија, Шведска, па и во САД, Канада, Австралија… Своевремено и татко ми и чичко ми од Делчево заминале за Белград, за да се школуваат и за да имаат шанси за напредок во сите животни полиња. Татко ми се вратил, чичко ми не.
Желбата кај сите што си заминуваат е иста, да се заработи за достоинствен живот, за подобри услови за семејството. Се случува и добро ситуирани семејства да се иселуваат, бидејќи, како што велат, уморни се од секојдневните стресови, проблеми, манипулации, омаловажувања и неправди, од нефункционирањето на правната држава, од застојот во економијата, здравството, образованието…
Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски вели: „Цврсто се залагаме за европска иднина и просперитет за граѓаните“. Ама, за жал, таа иднина никако да дојде.
Меѓу причините за сѐ помасовното заминување на наши луѓе во други држави, освен економската криза, е и невработеноста. Според Агенцијата за вработување, на крајот од првото економско тримесечје, највисока стапка на невработеност од 34,9 проценти е регистрирана кај младите на возраст од 15 до 24 години.
Здравствената криза со коронавирусот и сегашната со војната во Украина, дополнително предизвикаа тектонско нарушување на целиот пазар на труд во земјава. Голем број млади ги загубија работните места и повторно се вратија на списоците на невработени. Токму затоа тие бараат начин да ја напуштаат земјава по секоја цена – итајќи кон европските дестинации.
Во тој контекст, еве уште еден поразителен податок. Неодамна Светската банка објави дека земјава во изминатите дваесетина години ја напуштиле 500.000 луѓе, од нив две третини работоспособни, а една третина се високостручни кадри – најголем дел од ИТ-секторот. Од друга страна, иселувањето на еден млад образован човек ја чини државата 40.000 евра. Каде е тука логиката?
Според податоците од последниот попис на Републичкиот завод за статистика, вкупниот број на населението во Македонија изнесува 1.836.713 граѓани, додека бројот на нерезидентното население е 260.606 лица. Според претходниот попис, одржан во 2002 година, вкупното население изнесувало 2.022.547 лица. Намалениот број на населението, според експертите, е резултат на два фактора – големата смртност и иселувањето.
До кога „Тешкото“ ќе биде македонски код за векување и за збогување. И додека катаден на телевизиите слушаме само здодевни политички дебати, чија главна тема се меѓупартиски препукувања, навреди и вадење на валканите алишта пред јавноста, секојдневно се зголемуваат цените, а беспарицата и невработеноста растат, нормално е секој да размислува како да му обезбеди на семејството подобар живот.
На неодамнешните првомајски масовни работнички демонстрации, на една од паролите пишуваше: „Сѐ што му ветивте на народот си го остваривте за себе“. Народот не може глава да крене од измами, наместени судски процеси, крадење, корупција, економија во постојана транзиција и криза, образование на најниски гранки, барем така велат меѓународните рејтинзи, здравство што не може ни себеси да се излекува, внатрешна политика што разединува, а надворешна што навредува. Парадоксално е што Македонците и дома се чувствуваат како туѓинци и граѓани од втор ред.
За жал, сѐ почесто државата ја напуштаат и уметници, креативци, глумци… Така, актерот Тони Михајловски, кој беше и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, од пред извесно време живее и работи во Србија, на социјалните мрежи на младите им порача да не чекаат и да си заминат од Македонија. „Деца, палете патиките и тргајте по белиот свет. Иднината е еднакво лоша како и минатото во ‘Северна’. Не дозволувајте партиски кловнови да ви ја кројат судбината“, напиша Михајловски на неговиот профил на Фејсбук.
За оваа општествена масовна појава, која е белег на Македонецот, пишуваше и Ристо Крле во драмата „Парите се отепувачка“, а Никола Јонков Вапцаров туѓината ја опеа во својата најпозната песна „Земја“. Една од најпознатите македонски народни песни за оваа болна тема е „Параходот ми пристигна“, а за разделбите од семејството во потрага по парче леб пеат и „Кога си тргнав туѓина“, „Туѓино, јабано“, „Сине мој“, „Дали чекаш, стара мајчице“… Пред десетина години, ДС Пистолеро песната „Еден ден“ ѝ ја посвети на својата внука, која живее во друга, далечна земја. „Еден ден се надевам ќе сопре она што нѐ тера да си одиме сите од родното Скопје“, вели Пистолеро.
Во неодамна објавената песна „Игра рокенрол цела Македонија“, членовите на рок-групата „Чоканче“ порачуваат: „Мајмуни го водат твојот живот сега, затоа никој нејќи да остани – сака да бега! Азил или виза за друга планета, овде никој не те треба, овде никој не те чека!“
Можеби токму таа понизна политика, која секојдневно го брише македонскиот идентитет и сѐ што им е свето на Македонците, името, јазикот, историјата, традицијата, со еден збор минатото, а со тоа и сегашноста и иднината, е една од причините поради кои секојдневно се намалува бројот на Македонците во нашата држава.
Навистина е парадоксално за овие 30 и кусур години да не се направи ниедна добра стратегија за подобрување на условите за живот на ова мало парче земја, каде што секое камче раскажува приказни од минатото. Низ вековите, животот тука никогаш не бил лесен, многумина си заминале, но, ете, сме опстанале и уште нѐ има, уште сме тука. Затоа да направиме сѐ и да им дадеме шанса на младите да го продолжат ова наше битисување на светото парче библиска земја. Да помислиме и на идните поколенија, а не само на полните џебови и на тесноградите партиски интереси.