Во следните три недели, велосипедистите во 21 етапа треба да извозат 3.410 км на делницата што е мешавина од рамни, ридски и планински етапи

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Со првата етапа од Будимпешта до Вишеград, во Унгарија, долга 195 км, денеска почнува 105-то издание на велосипедската трка Џиро д’Италија. Во следните три недели, велосипедистите во 21 етапа ќе треба да извозат 3.410 км на делницата што е мешавина од рамни, ридски и планински етапи. Како клучни се сметаат деновите од третата недела, со планинските етапи на Доломитите.
На трката ќе настапат 22 тима со 176 велосипедисти, а како главен фаворит, во отсуство на повеќемина врвни велосипедисти, се смета Рикард Карапаз (28), кој победи во 2019 година, лани на Летните олимписки игри го освои златниот медал, на Тур де Франс беше трет, а на Вуелта втор. Шанси за триумф им се даваат на Сајмон Јејтс (лани беше трет), Жоао Алмеида (шести лани), Микел Ланда, Мигел Анхел Лопез, Том Димулен, Емануел Бухман и Вилко Келдерман. Првпат по 2013 година, на Џиро ќе настапи и Марк Кавендиш, еден од најдобрите спринтери, кој има 15 етапни победи на оваа трка, вкупно 52 на трите грантур-трки, трет зад Еди Меркс (54) и Марио Чиполини (57).
На првата од трите грантур-трки годинава (потоа се Тур де Франс и Вуелта) нема да настапат двајцата Словенци што доминираат во велосипедизмот во претходните неколку години, Примож Роглич и Тадеј Погачар, како и победниците на минатите две трки, Еган Бернал и Тао Геген Харт. Најмногу победи на Џиро, по пет, имаат Алфредо Бинда, Фаусто Копи и Еди Меркс.