Фудбалерите на Реал Мадрид направија уште еден сензационален пресврт, овој пат во победата над Манчестер сити од 3-1 по 120 минути игра на „Сантјаго Бернабеу“, за да се пласираат во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) со вкупен резултат од 6-5 во возбудливиот полуфинален двомеч.
Гостите од Англија имаа предност со голот на Ријад Марез во 73-та минута, но „кралевите“ се изборија за продолженија со двата погодоци на резервистот Родриго во 90-та и во првата минута од судиското надополнување. Карим Бензема беше стрелец на решавачкиот гол од пенал во 95-та минута од продолженијата.
Реал стана првиот клуб што стигнал до финалето на ЛШ со по еден пораз во сите пресметки од нокаут-фазата (ПСЖ 0-1, Челси 2-3 и Манчестер сити 3-4), откако е воведена осминафиналната рунда во сезоната 2003-2004. Шпанците беа на работ на елиминација против сите ривали во нокаут-фазата, но на сензационален начин успеаја да поминат понатаму.
Кралскиот клуб во финалето ќе игра против Ливерпул, во Париз на 28 мај. Овие две екипи се сретнаа во мечот за трофејот во ЛШ и во 2018 година кога Шпанците славеа со 3-1.