Културниот центар во Благоевград да биде на Македонците од Бугарија
За нашите Македонци од „ОМО Илинден – Пирин“ најавата од премиерот на нашата македонска влада, за отворање културен центар во Благоевград, секако е добредојдена како гест на поддршка за Македонците во Бугарија.
Но оттаму додаваат и дека досегашното искуство во борбата да бидат признаени како Македонци во Бугарија ги предупредува на воздржаност во радоста за добрите вести…
Политичките бранувања што ги предизвика отворањето на културниот клуб во Битола, од здружението „Ванчо Михајлов“ на македонските граѓани со декларирано бугарско самочувство, не престануваат да удираат со гласни одгласи во ѕидот на македонско-бугарските билатерални односи, но и да предизвикуваат резонанции во внатрешната македонска политичка сцена. Именувањето на културниот центар во Битола според докажаниот соработник на фашизмот и воопшто негативен лик во македонската национална историја, Иван Ванчо Михајлов, во присуство на високи претставници од бугарскиот политички врв, предизвика реакции, а македонската јавност и понатаму ги одржува отворени повеќето аспекти на случајот, во кој се препознаваат тенденции за национална провокација. Во така креиран политички амбиент, минатата недела, на првата собраниска седница за пратенички прашања по 100-те дена на Владата предводена од Димитар Ковачевски, пратеничката од опозицијата, Рашела Мизрахи, упати пратеничко прашање до премиерот, што мисли да преземе во врска со „срамот со отворањето на бугарскиот клуб ’Ванчо Михајлов’ во Битола“.
– Имам во план директно да го информирам мојот бугарски колега Кирил Петков дека како Влада, во текот на оваа година имаме намера да отвориме културен центар на Република С. Македонија во Благоевград. Името на центарот ќе го определиме во комуникација со нашиот Институт за национална историја. И ќе ве повикам да дојдете со мене на отворањето – одговори во Собранието премиерот Ковачевски.
Оваа најава на премиерот Ковачевски, сепак остави простор за дилема дали ваквиот потег има соодветна реципрочна вредност на намерите (скриени и отворено изразени) што ги пропагира клубот во Битола и кои ја иритираат македонската јавност. Односно, дали намерата за отворање македонски културен центар во Благоевград ќе придонесе соодветно за афирмација на правата на Македонците во Бугарија, чиишто се државјани, но не им се дозволени здружувањето и изразувањето на нивната етничка припадност.
– Најавата од премиерот на македонската влада за отворање културен центар во Благоевград, секако, е добредојден како гест на поддршка за Македонците во Бугарија.
Но досегашното искуство во нашата борба да бидеме признаени како Македонци во Бугарија нѐ предупредува на воздржаност во радоста за добрите вести. Уште повеќе, што веќе постои сличен македонски културен центар во Софија, но тој е нефункционален. Ние, како Македонци во Бугарија, имаме и свои клубови, кои се сепак неофицијални, ги одржуваме самостојно, зашто немаме законска можност да ги регистрираме. Добредојдена би била секоја поддршка од македонската влада за нашите клубови да можат да функционираат на законски прифатлив начин – вели Стојко Стојков, претседател на „ОМО Илинден – Пирин“.
Од друга страна, согледано од внатремакедонска перспектива, се чини дека најавата за македонски културен центар во Благоевград е проценета како несоодветна за културен реципроцитет на клубот во Битола. Според амбасадорот Ристо Никовски, отворањето македонски културни центри во Бугарија треба да се случи по истиот принцип како што беше отворен клубот на оние што се чувствуваат Бугари во Битола.
– Клубот во Битола, со „прекрасното“ име, не го отвори Владата на Петков, туку истоименото здружение од Битола, кое ги претставува вкупно 3.504-те Бугари запишани во последниот попис во Македонија. За разлика од нив, во Бугарија сѐ уште има огромен број Македонци. По истиот принцип со кој Бугарија нѐ „почести“ нас, тие Македонци таму треба да отворат центри, барем во Благоевград и во Сандански. Се разбира, тоа треба да биде финансирано од македонската влада, на ист начин како што беше сторено и во Битола. Сѐ друго е замачкување очи и играње мајтап со македонскиот народ – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.