Европски триумф на националните популисти

Првиот круг на француските претседателски избори испрати сигнал дека заврши епохата на традиционалните политички партии. Тие заедно не успеаја ни да надминат пет проценти од дадените гласови на француските граѓани

Дали Марин Ле Пен веќе победи во Франција? Оваа недела во Франција ќе се одржи вториот круг на претседателските избори, своевидна реприза на балотажата од пред пет години и повторно соочување на Емануел Макрон и Марин Ле Пен. Според сите испитувања на јавното мислење, а и во согласност со прогнозите на безмалку сите добри познавачи на француската политика, и повеќе од извесно е дека Емануел Макрон ќе добие втор мандат и ќе остане на чело на Француската Република до 2027 година. И јас, исто така, сметам дека би било вистинско чудо тој да ја изгуби балотажата. Па, зошто тогаш оваа моја колумна ја отворам со дилемата дали Марин Ле Пен веќе победила на изборите?
Европа во 2022 година изгледа многу поинаку од Европа во 1992 година. Сонуваната слободарска утопија на паневропска федерација, од Урал, барем до Балтикот, ако не и до Владивосток, веќе никој не ја споменува како можна опција за развој на континентот. Само убедените оптимисти и пламените еврофили, како мене, се надеваат дека оваа визија е одложена и им е предадена за конечна реализација на некои други генерации. Но, политичката реалност е сосема поинаква. Идејата за обединета Европа, под знамето на Европската Унија, доживеа смртно ранување со францускиот референдум за предложениот европски устав од 2005 година, но беше дотолчена со британскиот референдум, којшто го овозможи брегзит, некогаш незамисливото излегување на Британија од Унијата. И двата референдума произлегоа од погрешни политички процени, коишто беа втемелени на еуфоријата и триумфализмот на елитите. Францускиот претседател Ширак и целата тамошна политичка и бизнис-класа никогаш и немаа намера да се консултираат францускиот народ дали воопшто сака нов европски устав и натамошна европска интеграција. Ним едноставно им требаше референдумот како еден демократски украс за целиот процес, а ни на крај памет не им беше дека е можно Французите да гласаат против. Зад гласот „за“ застанаа сите традиционални партии на петтата француска република, но и целата француска културна елита и бизнис-олигархија. За несреќа, против себе тие го имаа францускиот народ, кому револуциите, селските буни, жакериите и фрондите му се вообичаен израз на граѓанското незадоволство кога елитите ќе си се затворат во својот свет. Истото тоа се случи и во Британија… Таму Дејвид Камерон одлучи да пристапи кон референдум за да ја затвори засекогаш темата околу британското членство во Унијата. Уморни од вечното повикување на евроскептичните критики на „железната дама“, Маргарет Тачер, популарните анти-ЕУ дитирамби на британскиот печат, но и бунтовните крила на неговата конзервативна партија, тој и целата британска елита влегоа во авантурата наречена референдум, убедени дека нема теорија британските граѓани да гласаат за излез на земјата од Унијата. Но и тоа се случи…

Во нивната книга „Националниот популизам: Револт против либералната демократија“, британските политиколози Метју Гудвин и Итвел Роџер велат дека во Европа, пред сè Западна Европа, постои нов сегмент на политичкиот спектар, наречен национален популизам. Овие политички движења се надвор од традиционалните политички поделби на левица и десница, тие се повикуваат на нацијата и бараат заштита на националната култура, но истовремено се залагаат за редистрибуција на националното богатство и поголеми права за работничката класа. Авторите убедливо објаснуваат дека не станува збор за „радикална десница“, каква што несомнено постои и којашто секако е надвор од спектарот на демократските партии. Тие тврдат дека овие партии се противат на некои аспекти на западната либерална демократија, но и на определени текови на глобализацијата и на европската интеграција коишто, според нив, имаат негативно влијание на општеството.
Под одредницата национални популисти може да ставиме премногу разнородни политички движења, од Националниот сојуз на Марин Ле Пен, преку Алтернатива за Германија, шведските демократи, италијанската лига и италијанските браќа, Вокс во Шпанија и „Доста е“ во Португалија, па до сите инкарнации на партијата на Најџел Фараж во Британија. Сите овие партии во делот на културата се класични националистички партии, коишто веруваат во вредностите на патриотизмот и во потребата од силна национална држава, но истовремено личат на социјалдемократските партии од периодот на Студената војна, па се залагаат за силна држава на благосостојбата, програми за прераспределба на националното богатство, ограничување на моќта на капиталот и на бизнисот, како и стабилни работни места за работничката класа. Всушност, националните популисти го пополнија политичкиот простор во моментот кога десницата заборави на нацијата, а левицата го батали општеството, поточно кога десницата веќе не ги застапуваше интересите на средната класа, а левицата се одлепи од работничката класа.

Во меѓувреме, точно е дека глобализацијата и европската интеграција ја забрзаа економијата и создадоа далеку поголемо национално богатство. Но, сиот нов приход се концентрира на самиот врв на општествената пирамида, додека прво работничката класа, а сега сè повеќе и средната класа стагнираат, па дури и економски уназадуваат. Оваа генерација на возрасни граѓани во земјите од Западна Европа е загрижена дека нема да им овозможи на своите деца подобар или макар и еднаков животен стандард каков што тие уживаат во моментов. Младата популација, пак, е уште повеќе вознемирена затоа што се судира со тешкотии за воспоставување траен работен однос, стабилна работа, добро здравствено осигурување, перспектива за стабилна пензија и пристојни цени за домување. Не случајно анкетите покажаа дека кај Французите под 40 години Марин Ле Пен во првиот круг го победила Емануел Макрон.
Покрај тоа, во Европа не е завршена дебатата околу миграцијата. За разлика од општествата на американскиот континент, во Европа населението е традиционално поврзано со почвата и со векови негува свој специфичен културен образец. За многумина од нив промените коишто се случуваат пред нивните очи се одвиваат премногу брзо за да можат да бидат прифатени. Уште поинтересно е и тоа што балканските гастарбајтери во Западна Европа и нивните деца од првата генерација новодојденци ги поддржуваат националните популисти, па дури сè повеќе влегуваат во раководствата на овие партии.
Не толку одамна, во 1990-тите, им се потсмевавме на националните популисти кога нивните движења беа во зародок. И навистина тие беа за мајтап… Сликовити ликови, со остар јазик и јасна мисла, но со налудничави идеи за тогашното разбирање на политиката. Во меѓувреме стигна нова генерација политички лидери во овие политички движења, тие си ги развија политичките концепти и ги совладаа сите современи техники за модерна политичка борба. Некои од нив веќе ја вкусија одговорноста на власта, и тоа не само на локално и провинциско ниво. Лигата во Италија и слободарците во Австрија беа дел од тамошните владини коалиции. Во меѓувреме, пак, националните популисти го преобразија политичкиот дискурс, па сега во Европа отворено се зборува за многу од темите коишто тие ги наметнаа и нивните идеи веќе не се маргинални лудории на самиот раб на политичката сцената, туку централни теми на националните политички дебати.

Така што, и покрај тоа што Марин Ле Пен најверојатно ќе ги изгуби изборите оваа недела во Франција, таа ќе може мирно да се повлече од сцената и да ја предаде политичката палка на новата генерација национални популисти. Сите теми коишто се во центарот на нејзиниот политички интерес се наедно и клучни политички теми во Франција, како нееднаквоста, социјалните права, иднината на миграцијата, економскиот модел, европската интеграција, заштитата на националниот културен образец, одбраната на преостанатата национална индустрија, кратењето на моќта на финансиските институции и така натаму. Доколку таа навистина освои повеќе од 40 проценти од гласачкото тело, тогаш веќе никој нема да може да ѝ го оспори успехот во нормализацијата на националниот популизам во Франција, како прифатлива политичка опција, а ништо чудно во некој иден циклус и да сведочиме како некој од нејзините политички и идеолошки следбеници ќе заврши во Елисејската палата како иден претседател на Франција. Таа го изоди тешкиот пат на националните популисти и нивната платформа да ги доведе од маргините до самата срцевина на француската политика, а тоа веќе е голем политички триумф за неа.
Првиот круг на француските претседателски избори испрати сигнал дека заврши епохата на традиционалните политички партии. Тие заедно не успеаја ни да надминат пет проценти од дадените гласови на француските граѓани. В недела Франција, но и цела Европа, ќе зачекори во нова политичка реалност, каде што за довербата на граѓаните ќе се борат глобалистите и националните популисти.

Автор:Ивица Боцевски