До крајот на годинава 46 домашни компании ќе добијат сертификат „фер со потрошувачот“ како вид гаранција дека постапуваат чесно со купувачите или корисниците на нивните услуги, дека нудат производи соодветни на цената, ги решаваат поплаките или евентуалните забелешки спогодбено, со договор и секогаш се подготвени да излезат во пресрет.
Логото ќе биде поставено на нивните продажни места, на пакувањата, производите, веб-страниците или промотивните материјали.
Како што беше истакнато, станува збор за 46 фирми од различни сектори: туристички агенции, градежни компании, приватни градинки, малопродажба, услужна дејност, производители на стоки за широка потрошувачка. Сите овие влегуваат во прва фаза и нивното сертифицирање ќе биде бесплатно, покриено со средства од Европската Унија.
– Интересот за сертификација беше неочекувано голем. Дури се пријавија и адвокатски канцеларии, осигурителни и финансиски друштва за чие сертифицирање се потребни дополнителни критериуми. Затоа нив и ќе ги изоставиме во првата фаза – нагласи Александар Николов од асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“.
Тој објасни дека за некоја компанија да добие сертификат, неопходно е да исполни најмалку 50 отсто од предвидените 25 услови дефинирани во шест области меѓу кои: безбедност на потрошувачот, фер пазарни практики, односи со корисници и заштита на лични податоци.
Моментално се изработуваат верификациските извештаи за фирмите, а формирана е и комисија кај која тие би можеле да се обратат ако не се задоволни од она што за нив e напишано во извештајот.
– Сега барањето е компаниите да исполнат најмалку 50 проценти од критериумите, но целта е да достигнат 100 отсто – истакна Николов.
Сертифицирањето е потпроект насловен „Среќни потрошувачи, задоволни произведувачи“ на Здружението на новинари за човекови права и е дел од проектот за безбедност на играчките. Се спроведува преку ИПА-програмата за граѓанско општество и медиуми 2015 и проектот „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор – развивање иновативен модел за мобилизација на финансиски средства“.