„Поетиката на просторот“ на Башлар беше една од моите омилени лектири за време на студентските денови. Ги читав и ги препрочитував неговите огледи за куќата, фиоката, гнездото, школката…, низ чии страници се нижеа автентични слики изнедрени од искусен, а младешки мечтател. Во удомениот простор се бара определената (индивидуална) душевна состојба.
Наспроти зградата, за која Башлар не пишува, каде што душевните состојби се сплетуваат и распрснуваат низ своевиден колективен, дури синдикален конгломерат, куќата е прибежиште за сопственикот, иако и таму тој секојдневно мора да се соочува со пренатрупаноста и нервозата на современиот живот. Сепак, влезната капија, дворот со дрвјата, бавчата го штитат внатрешниот свет и на извесен начин го одделуваат од непосредниот притисок на секојдневието. Во башларовската куќа не се вселени непотребни, неудобни содржини, таа е повластениот дома на поетот, мислителот, мечтателот. Иако, познато е од животот, но и од литературата дека куќата може да се преобрати од тајно во мрачно место, од пријателско во заканувачко. Но „Поетиката на просторот“ нема намера да се занимава со такви поовски настроенија, туку се концентрира на оазните состојби на заштитена слобода.
Со љубов и со лесно. Дури и кога е потешко. Како деновиве, кога дел од семејната куќа, во која живееше мајка ми, ја подготвувам за издавање. Просторот, нејзин, но и мој, што се трошел низ времето, а сепак е силно зачуван во моите спомени. Иако спалната, гостинската соба, кујната, сега ќе се приспособуваат на нови жители, со свои сопствени чувства, дружби и илузии.