Ги повикувам наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес.
Учениците треба да бидат во училиштата, таму каде што припаѓаат, истакнува премиерот Димитар Ковачевски во врска со за утре најавениот штрајк на СОНК.
– По долгото пандемиско отсуство од клупите, ова е и морална обврска кон вашите професионални задачи како наставници и педагози. Ова е потребно најмногу како поддршка на вашите ученици во еден многу важен дел од нивниот живот, напиша Ковачевски на својот фејсбук-профил.
Тој во објавата посочува дека правото на штрајк е загарантирано право и, како што вели, јас целосно го почитувам, но социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија.
– Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик. Оваа Влада докажа дека има слух за барањата и не бега од решенија. Докажавме и дека клучен приоритет е токму зголемувањето на платите, па така платите на наставниците кумулативно се покачени за 21 отсто во последните четири години. Но, Владата мора одговорно да го менаџира буџетот и да се грижи за економијата. Нема да добиеме ништо ако ја покачиме инфлацијата, а токму тоа ќе се случи ако се реализираат барањата вака како што се поставени – вели тој.
Апелира да не запира процесот на образование и да се продолжи со дијалогот за да се изнајде прифатливо решение.
– Во време на огромна економска криза апелирам на разум и поддршка за заедничко надминување на проблемите. Законските прописи ги штитат и интересите на учениците, и затоа настава мора да се организира и за време на штрајк. Да не оставаме празнина во образованието на децата, за сѐ има решение, но времето поминато надвор од клупа нема како да се надополни – истакнува премиерот Ковачевски.