Јавен обвинител од скопското обвинителство издаде наредби за обдукција на телото на починатиот ракометар на Бутел Стефан Тот, за обезбедување на видеозаписи од безбедносни камери – „Сејф сити“ и ноќниот клуб што тој го посетил пред смртта, како и да се сослушаат повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата, со цел да се испитаат сите околности во насока на расчистување на смртниот случај.
– Врз основа на прегледаните видеозаписи идентификувани се три лица за кои предметниот обвинител, по добивање на кривичната пријава, ќе донесе наредба за спроведување на истражна постапка, поради постоење на основано сомнение дека осомничените, меѓу кои една девојка (19), сториле кривично дело Убиство од член 123 став 1 вв член 22 од КЗ. Двајца од осомничени се лишени од слобода и денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис – се вели во соопштението на обвинителството.
Со оглед на тежината на стореното кривично дело и запретената казна, како и заради непречено водење на постапката, обвинителството цени дека се исполнети законските услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување на присуство, па за сите осомничени ќе предложи да им биде определена мерката притвор.
Денес во утринските часови на Институтот за судска медицина и геонтологија беше извршена обдукција врз починатиот според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.
– Кривично правниот настан се случил завчера во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со тупаници и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал – наведува обвинителството.