Цените на прехранбените производи, како растителното масло и житариците, постигнале рекордно ниво во изминатиот месец – соопштија денеска од ОН.
– Со тоа постои закана од глад и неухранетост на милиони луѓе во Африка и на Блискиот исток – се наведува во соопштението.
Причината за така високите цени на храната во основа е поради „огромните прекини во снабдувачката“, поврзани со војната во Украина.
Организацијата за храна и земјоделие на ОН (ФАО) изјави дека нејзиниот индекс на цени на храната што ги следи месечните промени на цените на кошничка производи минатиот месец бил во просек 159.3 поени, што е за 12.6 отсто повеќе од февруари. Притоа, февруарскиот индекс веќе бил на највисоко ниво од 1990 година, од кога се објавува индексот.
Од ФАО изјавија дека војната во Украина е причина за покачените цени на житариците како пченицата, овесот, јачменот, но и пченката.
Русија покрива 30 отсто од светската побарувачка на пченица, додека Украина покрива 20 отсто од светската побарувачка на пченица и пченка соодветно. Двете земји сега не ги извезуваат овие производи. Русија поради внатрешна забрана од страна на Москва, Украина поради инвазијата на руските сили, прекинот на транспортот, но и прекинатата сеидба во источните делови на земјата.
Околу источната граница на Украина и Русија се наоѓа „црноземје“, огромна плодна област каде се одгледуваат житарици и секакви други земјоделски производи.
Од ФАО велат дека поради мошне високите цени на прехранбните производи земјите треба да преземат итна акција тие да се намалат.