Фото: Твитер/Дмитро Кулеба

По денешниот вонреден состанок на министрите за надворешни работи на НАТО заедно со шефот на украинската дипломатија, на Киев му е ветено повеќе оружје, но Алијансата не може да објавува детали за типот на оружје, јави дописничката на МИА од Брисел.

Тоа го рече и украинскиот министер, Дмитро Кулеба, попладнево, одговарајќи на новинарско прашање дека „оружјето е како парите, тие сакаат тишина“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтеберг, потврди дека не може да навлегува во овие детали. Неодамна некои земји членки на НАТО ја исклучија можноста од испраќање на одреден тип оружје како тенкови, но нејасно е дали сите 30 стојат на овој став по денешната средба со Кулеба на која тој побара повеќе оружје и побрзо.

– Она што е важно е дека сојузниците веќе испраќаат значајна воена помош – рече Столтенберг попладнево и додаде земјите членки се согласни дека треба да се испраќа повеќе опрема и побрзо.

За Украина е важно да ја зајакне својата воена позиција на бојното поле за да биде во позиција на сила на преговарачката маса со Русија, а единствен начин да сопре војната, според Столтенберг, е Путин да ги повлече своите сили целосно од Украина.

Сепак генералниот секретар предупреди дека оваа војна може да трае уште долго и дека примарна одговорност на НАТО е да не дозволи ескалација на конфликтот надвор од Украина и на НАТО територија. Едно од прашањата што се поставуваат е дали испраќањето на офанзивно оружје може во Русија да се толкува како инволвирање на НАТО во конфликтот.

Столтенберг повтори дека НАТО не испраќа оружје директно и не планира да се инволвира.

-Задача ни е да спречиме ескалација, НАТО нема директно да биде инволвиран, не испраќа директно капацитети, туку испорачува поддршка на други начини, рече шефот на Алијансата.

Оружјето, пак, го праќаат земјите членки, и според Столтенберг, тоа не може да се нарече офанзивно, бидејќи се користи за дефанзивни цели со тоа што Украина е нападнатата страна, а нејзиното право на самоодбрана е запишано во Повелбата на Обединетите Нации.

На денешниот состанок изразена е загриженост што Кина „одбива да ја осуди инвазијата“ и „го доведува во прашање правото на земјите да бираат за себе“, рече генералниот секретар.

Во овој контекст идниот стратешки концепт на НАТО кој ќе се усвои во Мадрид во јуни ќе содржи дел кој се однесува на идните односи со Кина и зајакнување на соработката со партнерите во Азија-Пацифик во областа на сајбер и новите технологии, борба против дезинформации, климатски промени и морска одбрана.

– Глобалните предизвици бараат глобални решенија – изјави Столтенберг.


Марк Мили: На Украина испорачани 25.000 противвоздушни оружја од САД и од сојузниците

Украина доби околу 25.000 системи за противвоздушно вооружување од САД и нивните сојузници, што му помогна на Киев да не дозволи Русија да доминира во воздухот, изјави денеска началникот на Здружениот Генералштаб на вооружените сили на САД, генерал Марк Мили.

Тој додаде дека САД и сојузниците на НАТО и испорачале на Украина 60.000 противтенковски системи. „Украинците се исклучително благодарни за тоа“, нагласи Мили во обраќањето пред Комитетот за вооружени сили на американскиот Сенат.