Хедон Мифтари

Цел поен освоија Златков, Михов и Мифтари, а ремизираа Ристески и Велески

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Петтемина македонски претставници имаа успешен настап во 10-то (претпоследно) коло на 22. Европско првенство (ЕП) во Брежице, Словенија, во конкуренција на 317 шахисти (114 велемајстори) од 40 држави. Од можни пет, освоија четири поени, односно впишаа три победи и две ремија, без пораз.
Цел поен освоија Антон Златков (2.081 рејтинг-поени, рангиран 287. пред почетокот на ЕП) против Украинката, ЖИМ Надија Шпанко (2.274, рангирана 232.), Филип Михов (2.255, рангиран 229.) против Украинецот Владислав Гарски (1.768, рангиран 311.) и Хедон Мифтари (1.987, рангиран 297.) против Романецот Богдан Гида (1.981, рангиран 298.). Ремизираа Емил Ристески (2.374, рангиран 177.), кој веќе освои втора норма за ИМ (сега и од 10 кола н.з.), против седмиот ВМ, со кого игра на ова ЕП, Литванецот Паулиус Пултиневичиус (2.546, рангиран 79.) и ФМ Роберт Велески (2.136, рангиран 264.) против ФМ од Литванија, Роландас Мартинкус (2.033, рангиран 289.).
На коло до крајот на ЕП, Ристески е најдобропласиран Македонец, на делба на 138-188 место, со пет поени, Златков со четири поени го дели 219-257 место, додека Михов, Велески и Хедон со по 3,5 поени го делат 258-285 место. Засега Златков има најмногу новоосвоени рејтинг-поени (44,4).
Со по осум поени најблиску до триумф се ВМ од Германија, Матијас Блубаум (2.642, рангиран 20. пред почетокот на ЕП) и ВМ од Ерменија, Габриел Саргисјан (2.681, рангиран седми).