По руската офанзива на Украина, Берлин одлучи драматично да го зголеми буџетот во одбраната и да вложи дополнителни средства во војската. Питер Хиле и Нина Веркхаусер за „Дојче веле“ анализираат за што точно ќе се употребат тие пари
Воени проекти за градење на најсовремената војска на Стариот Континент
Германската армија сака да набави нови напредни борбени авиони од моделот „ф-35“ за да замени 45 застарени авиони „торнадо“ од 1970-тите години. Новите авиони ќе имаат капацитет да носат американски нуклеарни бомби што се чуваат во Германија. Досега таа желба изгледаше како да не може да се оствари. Но тоа се смени на 27 февруари, кога канцеларот Олаф Шолц даде изненадувачка најава дека војската ќе добие еднократен специјален фонд од 100 милијарди евра.
Неговото соопштение вчудовиде многу парламентарци и експерти за безбедност. Меѓутоа, централнолевичарските социјалдемократи (СПД) на Шолц беа во коалициска влада со централнодесничарската ЦДУ на поранешната канцеларка Ангела Меркел осум години до 2021 година. За тоа време, неговата партија блокира големи проекти за вооружување. Министерот за финансии Кристијан Линднер од Слободните демократи (ФДП) истакна дека целта на Владата е да располага со една од најспособните и најмоќни армии во Европа во текот на оваа деценија. Покрај специјалниот фонд, германскиот буџет за одбрана треба да се зголеми на два отсто од БДП, како што предвидува НАТО.
Висока технологија на листата со желби
Покрај борбените авиони „ф-35“, германската војска бара финансирање за идниот борбен воздушен систем (ФЦАС), авион што Германија го развива заедно со Франција. Следни на списокот се новите тешки транспортни хеликоптери и модернизацијата на ракетниот систем за воздушна одбрана „Патриот“, а потоа вооружените беспилотни летала од Израел, како и модерни воени бродови. Но експертот за безбедност Клаудија Мејџор предупреди дека нема да биде можно германската војска веднаш да потроши толку пари, бидејќи има заостаток. Иако по крајот на Студената војна германскиот буџет на одбраната е зголемен на над 46 милијарди евра, тој сè уште страда од недостиг од материјал и опрема. Планираните набавки на големи системи за оружје, како транспортни авиони, хеликоптери и воени бродови, постојано се кочеа. Парите што не беа потрошени до крајот на годината ги немаше, а одбраната не можеше да планира долгорочно.
Потребна е и основна опрема за војниците
Германската војска има недостиг од муниција, па дури и од борбени чизми и облека. Во минатото, набавката на оружје и материјали честопати беше слабо организирана и заглавуваше од прекумерната бирократија. Германската индустрија за оружје сега се надева на големи нарачки, но експертот за надворешна политика на ЦДУ, Родерик Кизеветер, предупреди на избрзани одлуки. Тој рече дека германската влада мора внимателно да размисли како ќе ги потроши предложените пари и што е најитно да се набави.
За разлика од другите членови на неговата партиска група во Бундестагот, Кизеветер се противи на повторното воведување задолжителна воена служба. Ова беше суспендирано за време на канцеларката Меркел во 2011 година. Армијата веќе нема капацитет да обучува регрути, а повторното управување ќе биде скапо и ќе одземе време, според Кизеветер. Тој, исто така, се сомнева дали би било можно да се интегрираат регрути во високотехнолошка армија со комплексни системи за оружје за само неколку месеци од воената служба. Сепак, армијата сака да го зголеми бројот на војници. И покрај скапите рекламни кампањи, таа досега имаше проблеми со пополнување на испразнетите работни места. Со оглед на напнатата безбедносна ситуација на источното крило на НАТО, армијата сега се надева дека ќе привлече повеќе регрути.
Војската како цел на критики
Истражувачкиот институт „Сивеј“ анкетира 5.000 Германци од 28 февруари до 2 март и откри дека три четвртини од нив го поддржуваат планираниот специјален фонд за вооружените сили. Но критичките гласови дојдоа од германските левичарски политичари, исто така и од владејачките социјалдемократи и од зелените. Прашањето за одговорност го отвори Џесика Розентал, лидерката на младинската организација на СПД, која вклучува 49 пратеници од Бундестагот. Младинското крило на Зелената партија изрази слична загриженост. Претставниците на мировното движење бараат да не се набават борбени авиони „ф-35“ и да се повлечат сите американски нуклеарни боеви глави од Германија. Се верува дека 20 од нив се лоцирани во базата „Бухел“ во западна Германија, иако германската влада никогаш официјално не го потврди овој факт.