Фото: Игор Бансколиев

Пласман на ЕП обезбедуваат првопласираните две селекции од секоја од осумте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните. Директен пласман на ЕП обезбедија домаќинот Германија и носителите на медали од ЕП 2022, Шведска, Шпанија и Данска

РАКОМЕТ

Македонската машка ракометна репрезентација ќе игра со Луксембург, Турција и со Португалија во групата 1, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија. Тоа е епилогот од ждрепката влечена во Берлин. Пласман на ЕП обезбедуваат првопласираните две репрезентации од секоја од осумте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните селекции. Директен пласман на ЕП обезбедија домаќинот Германија и носителите на медали од ЕП 2022, Шведска, Шпанија и Данска.
Македонија досега со овие селекции нема играно на светските (СП) или на европските првенства. Луксембург еднаш играл на СП, во 1958 година, и бил последен, 16-ти. Македонија, како и Португалија, има седум настапи на ЕП (1998, 2012, 2014, 2016, 2018, 2020 и 2022 година), а најдобар пласман на Македонија ѝ е петтото место на ЕП во Србија во 2012 година. Португалија (играла на ЕП 1994, 2000, 2002, 2004, 2006, 2020 и 2022) најдобро помина на ЕП во 2020 година, со пласманот на шестата позиција. Заедно настапиле на претходните две ЕП (но не играле меѓу себе), а и на двете Португалија има подобар пласман. На ЕП 2022 и двете селекции не ја поминаа првата фаза, Португалија беше на 19-то, а Македонија 22-то место. На СП, пак, Македонија играла седум пати, најдобар пласман ѝ е 9-то место (во 2015 година), а Португалија четири пати, со најдобар пласман на 10-то место (во 2021 година).
Во квалификациите за ЕП 2022, Македонија ја победи Финска, дома и на гости (33-24 и 27-24), Швајцарија на гости и дома (25-23 и 29-28) и Данска дома (33-29), а загуби на гости (21-37) и беше втора, со 10 бода, колку што имаше и првопласираната Данска. Португалија беше прва во тие квалификации со 10 бода, пред Исланд со осум, Литванија со четири и Израел со два бода, загубувајќи само на гости од Исланд (23-32).


На ЕП 2024 ќе има обид за поставување светски рекорд

Мечевите на ракометното Европско првенство (ЕП) во 2024 година во Германија ќе се играат во Диселдорф, Берлин, Манхајм, Минхен, Хамбург и во Келн. За отворањето на натпреварувањето во Диселдорф, Германската ракометна федерација се обидува да го собори светскиот рекорд според бројот на гледачи на ракометен натпревар, бидејќи првиот меч ќе се игра на фудбалскиот стадион со 50.000 седишта, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница. Арената во Келн ќе биде домаќин на мечот за титулата.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

1: Португалија, Македонија, Турција, Луксембург
2: Норвешка, Србија, Словачка, Финска
3: Исланд, Чешка, Израел, Естонија
4: Австрија, Украина, Романија, Фарски Острови
5: Хрватска, Холандија, Грција, Белгија
6: Унгарија, Швајцарија, Литванија, Грузија
7: Словенија, Црна Гора, БиХ, Косово
8: Франција, Полска, Летонија, Италија
на ЕП ќе играат првопласираните две селекции од секоја од осумте групи и најдобрите четири меѓу третопласираните

РАСПОРЕД НА МЕЧЕВИТЕ НА МАКЕДОНИЈА 2022 ГОДИНА

12/13 октомври Македонија – Луксембург
15/16 октомври Турција – Македонија
2023 ГОДИНА
8/9 март Македонија – Португалија
11/12 март Португалија – Македонија
26/27 април Луксембург – Македонија
30 април Македонија – Турција