Во 2018 година, на возраст од 16 години и 130 дена, тој стана најмладиот играч што настапил за Ајакс во Ередивизие, соборувајќи го рекордот на легендарниот Кларенс Сидорф од 1992 година
Во серијалот наречен „Чуда од деца 11“, на „Би-би-си“, се претставени 11 млади талентирани фудбалери од Европа и од светот, со потенцијал да станат суперѕвезди на својата позиција, но и фудбалери што уште се на почетокот од кариерите. Рајан Гравенберх, играчот од средниот ред, со само 19 години, веќе одигра 93 меча за Ајакс и 10 за најдобрата селекција на Холандија, од кои два на Европското првенство (ЕП) лани. Тој е централен, дефанзивен играч од средниот ред, кој му помага и на нападот и лани стана најмладиот играч од 1981 година, па наваму, кој постигнал гол во финалето на Купот на Холандија. Во 2018 година, на возраст од 16 години и 130 дена, стана најмладиот играч што настапил за Ајакс во Ередивизие, соборувајќи го рекордот на легендарниот Кларенс Сидорф од 1992 година. Рајан Гравенберх го споредуваат со славните сонародници, Франк Рајкард и Френки де Јонг, но го нарекуваат и „подобра верзија на Пол Погба“. Манчестер јунајтед и Ливерпул се меѓу европските гиганти што се поврзуваат со негов иден трансфер.
– Рајан е многу висок, има тело на атлет. Можеби тоа е една од причините, покрај одличната техника и другите вештини, зошто се истакна толку рано и зошто Ајакс го избра и го донесе на академијата. Ова му се случува на речиси секое дете што е високо и со потекло од Суринам. Тој ја доби етикетата „ова е новиот Френк Рајкард“, сите мислат дека е идеалниот играч за да тргне по стапките на Рајкард, но тоа е огромно очекување, речиси преголемо за него. Менаџерот на Ајакс, Ерик тен Хег, сака играчи како Гравенберх, кој може да го раздвижи тимот. Шансите да замине летово се 60 отсто, а 40 да остане во Ајакс. Мислам дека тој би бил добар играч на Барселона и ако Чави сака да игра во тики-така стилот, би бил идеален – вели Марсел ван дер Кран, фудбалски новинар во весникот „Де Телеграф“.
Еден од верните навивачи на Ајакс, Хуан Калуф, вели дека она што го прави Гравенберх толку посебен е неговата физичка појава. „Тој одигра многу натпревари, знае како да ја изнесе топката напред, да игра во згуснати простори и многу е агилен со оглед на тоа колку е висок. Тој потсетува на Френки де Јонг поради стилот на игра и улогата во тимот, но не се баш исти. Рајан игра поповлечено, со задача да ја турка топката напред“ – потенцира Калуф.