ФИФА не предложи светски првенства на две години. ФИФА побара од администрацијата да почне студија за оправданост. ФИФА не предложи ништо, но дојде до заклучок дека тоа е изводливо, но и дека ќе има некакви реперкусии и влијание. Утврдивме дека тоа би било изводливо, па дури и позитивно за голем дел од светот, но, секако, постои и големо противење и тука треба да почне дискусијата, рече претседателот на ФИФА, Инфантино

Светската фудбалска федерација (ФИФА) не предложи одржување светски првенства (СП) на две години, туку само ја истражува можноста за таква промена, вели Џани Инфантино, претседателот на ФИФА. Предложениот концепт наиде на жестоки критики од повеќе конфедерации. Инфантино претходно изјавуваше дека оние што се против „се плашат“ од промени, пишува „Би-би-си“.
– ФИФА не предложи светски првенства на две години. Ајде да ги разјасниме работите за ова. На последниот конгрес, ФИФА побара од администрацијата да почне студија за оправданост за одржување светски првенства на две години. Администрацијата на ФИФА, под водство на Арсен Венгер, го направи токму тоа. ФИФА не предложи ништо, но дојде до заклучок дека тоа е изводливо, но и дека ќе има некакви реперкусии и влијание. Утврдивме дека тоа би било изводливо, па дури и позитивно за голем дел од светот, но, секако, постои и големо противење и тука треба да почне дискусијата – рече Инфантино пред ждрепката за СП.
Поранешниот менаџер на Арсенал, Венгер, ги промовира придобивките од СП на две години, во улогата на шеф за глобален развој на ФИФА. Студиите за оправданост сугерираат дека земјите-членки ќе заработат дополнителни 19 милиони долари на секои четири години.
Европската фудбалска унија (УЕФА) и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) беа против таа идеја, а Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) изрази стравување дека СП на две години ќе им наштети на другите спортови.
– Ги разгледуваме сите опции. Ќе го одвоиме времето што е потребно со максимално разбирање за сите позиции – вели Инфантино.