Португалија во тековните мундијалски квалификации во групата А на домашен терен претрпе еден пораз, во последното коло од Србија (0-1), а благодарение само на Кристијано Роналдо претходно избегна пораз во дуелот против Република Ирска.
На 1 септември лани, Ирците водеа против Португалија во Фаро со 1-0, со голот на Џон Еган (45 минута), пред Роналдо да донесе целосен резултатски пресврт со два гола, во 89. и 96. минута.
Одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од утрешниот финален бараж за пласман на Мундијалот во Катар, меѓу Португалија и Македонија во Порто, заменикот селектор на Република Ирска, Кит Ендрјус, оцени дека македонските фудбалери не се без шанси за победа.
–Португалија не е непобедлива, нема сомнеж во тоа. Не сум запознаен што се случи во текот на викендот со составот (на македонската репрезентација), се чинеше дека некои играчи им недостасуваа (со Италија). Тие (Македонците) постигнуваат навистина квалитетни резултати-изјави Ендрјус на денешната прес-конференција во Даблин, каде Ирска утре во пријателски натпревар ја пречекува Литванија.
Ендрјус се наврати на двата натпревари, кои Република Ирска ги одигра овој квалификациски циклус против Португалија, откривајќи ја нивната тактика за гостувањето во Фаро, со која беа на дофат до триумф.
-За двата натпревари против Португалија имавме посебна тактика, подготвувајќи нешто поинакво од дотогаш. За натпреварот на гостински терен, нашата тактика беше концентрирана на висок блок, повеќе отколку на агресивен и константен пресинг, во обид освоиме повеќе слободен простор. Сакавме да ја „разоткриеме“ нивната последна линија и во тоа успеавме. На реваншот на домашен терен сакавме да бидеме поагресивни и чувствував дека тоа го постигнавме-анализираше Ендрјус.
Македонските фудбалери во комплетен состав, со повратниците во тимот Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, утревечер од 20:45 часот во Порто и гостуваат на Португалија во обид по сензационалните победи на гостински терен во мундијалските квалификации над Германија (2-1) и Италија (1-0) да совладаат уште еден европски гигант и да обезбедат историски прв пласман на Светско првенство.