Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) организираше средба и дискусија со членовите на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот. Главна тема на дискусијата беа предизвиците со кои се соочува или може да се соочи македонското општество при справување со повратниците од странските боишта, како и улогата на Националниот комитет и на медиумите во справувањето со овие предизвици.

Златко Арсов од Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот посочи дека една од нивните главни задачи е спречување на насилниот екстремизам и тероризам. Според Арсов, оваа тематика е особено важна за нашето општество, ако се земе предвид дека во изминатиов период околу 150 лица заминале на странските боишта, а од нив 83 се вратиле во земјава. Во последната група на повратници имало четири припадници на Исламска држава кои се бореле во Сирија, како и две жени и дванаесет деца. Според Арсов, особено погодни за регрутирање се сиромашните семејства.

Арсов посочи дека повратниците од странските боишта се безбедносен ризик за државата и оти тие како Национален комитет за спречување на овие појави, преземаат координирана дејност меѓу владините институции, невладините организации и медиумите за спречување на насилниот екстремизам и тероризам.

Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот е формиран во 2017 година со одлука на Владата, а според Арсов тие како владина институција подготвуваат програми и осмислуваат пристапи за прифаќање на повратниците од странските боишта и нивна ресоцијализација во општеството. Тој вели дека во ресоцијализацијата се вклучени и стручни лица, како психијатри и психолози кои даваат насоки. Националниот комитет со својата активност ги подготвува и општините, односно локалните власти за оваа проблематика.

– Националниот комитет работи кон спречување на индоктринацијата. Мора да се има во предвид дека ова не е само проблем на балканските држави, туку и на многу западноевропски општества. Има примери кога одредени личности го напуштаат христијанството и го прифаќаат исламот, по што заминуваат во редовите на Исламска држава во Сирија. По враќањето на лицата кои заминале на странските боишта, Националниот комитет со својата активност и координација со другите институции и фактори настојува да ги деангажира, односно овие лица да си ја задржат својата идеологија и убедување, но да се откажат од радикалните средства, а своите цели да ги остваруваат на легален начин и преку демократски принципи – рече Арсов.

Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот остварува контакти и соработка со претставниците на верските заедници во државата, со цел и тие да се вклучат во спречување на појавата и развојот на насилниот екстремизам и тероризам во нашето општество, како што посочи Арсов.

Тој вели дека треба да се преземат активности за спречување на македонски граѓани да заминат како доброволци во украинскиот воен конфликт. Арсов потсети дека сите кои ќе заминат да војуваат, по нивното враќање ќе бидат казнети во согласност со постојните закони. Според Арсов, на социјалните мрежи постои силна пропаганда која се обидува да придобие или регрутира лица кои би можеле да заминат во Украина и ги повика медиумите да се вклучат со превентивни мерки. Медиумите треба точно и навремено да информираат, без да шират дезинформации, вели Арсов. Според него, граѓаните кои можеби би заминале во Украина, по нивното враќање во државата можат да претставуваат безбедносен ризик.

На средбата говореа и претставниците од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) кои ги презентираа нивните активности за спречување на насилниот екстремизам и тероризам. Тие преземаат активности за запознавање на медиумите со оваа проблематика, обука на новинари, како и запознавање со процесот на реинтеграција. Нивната цел е да ги подобрат вештините на новинарите од медиумите кои би известувале на објективен начин за овие проблеми. Д.Ст.