Од творештвото на писателот за деца Перо Миленкоски (2)
Драги деца, на страниците на „Колибри“, во десетина продолженија, ќе објавиме една многу поучна серија, преку која ќе научите важни нешта за сообраќајот, но на лесен и интересен начин. Тука ќе можете да прочитате песнички на познатиот писател за деца Перо Миленкоски токму на оваа тема.
– Брзиот доброорганизиран сообраќај е насушна потреба на современиот човек. Тоа е голема придобивка за секого од нас. За негово безбедно и непречено одвивање, постојат правила и прописи преточени во закони. Улиците и патиштата се обележани вертикално и хоризонтално, а за редот во сообраќајот се задолжени сообраќајци, секогаш подготвени да им помогнат на возачите и на пешаците. Сообраќајните знаци, пак, се скапоцена помош сѐ да се одвива непречено. Вака организиран, сообраќајот би требало да ни носи само задоволство. Но, за жал, не е секогаш така. Често на патиштата, дури и на пешачките премини, се случуваат сообраќајни незгоди, кои завршуваат со повреди и со тешки последици. Децата како учесници во сообраќајот често се жртви на невнимателни возачи, а поретко и на свое невнимание – вели Перо Миленкоски за она што го поттикнало да ја напише оваа едукативна книга.
За да придонесеме кон сообраќајното воспитување на најмладите, во наредните десет изданија на „Колибри“ ќе објавиме дел од поетската збирка „Детестоп“ на овој автор. Основната порака на неговите стихови гласи: „Внимателно движи се и за себе грижи се“!
Малиот сообраќаец
По улица одам,
гледам лево, десно,
на пешачки премин
си минувам лесно.
Еј, врсници мои,
мамо, бабо, дедо,
за вас јас се грижам,
таков си е редот.
Со знаци и прописи
секој ден се дружам
за да можам секому
помош да му пружам.
На сообраќаецот
десна сум му рака,
од него се учам
и многу го сакам.
Униформа носам,
со ракави бели,
на улица стојам
со денови цели.
Миле и новиот тротинет
За роденден вчера
Миле доби тротинет,
па излезе на улица
да го види сиот свет.
По улица вози брзо
и не гледа пешак, знак…
без раце управува,
тој е голем „јунак“.
Но, за среќа, чичко еден,
в сина руба, раце бели,
возилата в час ги запре,
на „возачот“ брз му вели:
– Ако возиш без да гледаш
и „јунак“ се правиш така,
може лесно да настрадаш,
да повредиш нога, рака…
И Миле си застана
зелен знак да чека,
сѐ дури поминаа
возилата – река.
Ај погоди што е тоа?
Нашиот пријател
По улица неуморно
секој ден се движи,
за редот сообраќаен
без престан се грижи.
Добар, но и строг е,
може и да казнува,
нема ли прекршоци –
најсреќен е, празнува.
За авторот
Перо Миленкоски е современ македонски поет за деца и млади. Роден е во селото Слепче, општина Долнени. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Завршил учителска школа „Гоце Делчев“ во Штип и дипломирал на Педагошката академија во Битола, на групата за македонски и српско-хрватски јазик. Работел како наставник и новинар во „Нова Македонија“, при што 23 години во додатокот за најмладите читатели „Колибри“, од кои 13 години како негов уредник. Живее во Скопје.
Ги издал збирките поезија: „Најубав ѓердан“, „Има една земја мила“, „Малиот сообраќаец“, „Детестоп“, „Сонце во око“ и „Сончев дворец“.