Речиси три недели по почетокот на воените дејства, бројот на Украинци што избегаа во странство надмина три милиони. Најголемиот број од нив, речиси две третини се упатија кон Полска
Повеќе од три милиони бегалци во Европа, во која припаѓаат и Западот и Украина и Русија
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на својот официјален профил на Твитер напиша дека повеќе од три милиони украински бегалци ја напуштиле својата татковина.
– Повеќе од три милиони Украинци се принудени да ја напуштат својата татковина. Ним очајно им треба мир, а тоа го бараат и луѓето низ светот. Русија мора веднаш да ја прекине оваа војна – напиша Гутереш.
Украинците масовно заминуваат во Словачка, Романија и во Унгарија, додека повеќето од нив бараат засолниште во Полска.
Полска се бори успешно да го изменаџира големиот број на бегалци
Повеќе од 1,89 милион луѓе побегнале од Украина во Полска од почетокот на руската воена операција, соопшти полската гранична служба. Од нив, 593 илјади, или 31 процент, во Полска влегле со автомобили, околу 444 илјади со автобуси, 402 илјади пеш, а 210 илјади со возови.
Повеќе од половина милион луѓе од тие што дојдоа од Украина можеби веќе ја напуштиле земјата – изјави Мациеј Душчик, професор по истражување за миграција на Универзитетот во Варшава, пренесува Би-би-си.
Како што е наведено на Твитер, само во вторникот границата ја минале 66.600 лица, што е за седум отсто помалку од понеделникот. Повеќето бегалци заминале во големите градови, вклучувајќи ги Варшава, Краков и Вроцлав, кои се борат да се справат со бројот на бегалци.
Исто така, портпаролот на германската влада Стивен Хебестрајт изјави дека во таа земја досега се регистрирани околу 175.000 бегалци од Украина. Тој додаде дека бројката може да биде и поголема, бидејќи нема обврска за пријавување при влез во земјава.
Унгарија очекува „поголем бран“ бегалци да пристигне од Украина следната недела, изјави премиерот Виктор Орбан на видео објавено на неговата страница на Фејсбук.
Посетувајќи го граничниот премин во близината на границата на Унгарија со Романија и Украина, Орбан рече дека следната недела таму ќе бидат поставени повеќе граничари за да се справат со зголемениот број бегалци. Орбан, кој се соочува со избори на 3 април, не кажа зошто очекува повеќе бегалци следната недела. Во текот на изминатата недела, бројот на украински бегалци што пристигнуваат во Унгарија значително се намали.
Заклучно со податоците од вчера, повеќе од три милиони Украинци ја напуштија својата татковина од почетокот на инвазијата и заминаа во соседна Словачка, Унгарија, Романија, Молдавија и особено Полска, која прими речиси два милиони бегалци.
УНХЦР е длабоко загрижена поради растечката ксенофобија и дискриминација на бегалците
Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) го поздрави одговорот на развиените земји на украинската бегалска криза и ги повика да ги третираат бегалците од другите воени зони на сличен начин, без разлика на „националност, раса или религија“. Бројот на луѓе што ја напуштија Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари надмина три милиони, што стана најбрзорастечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна.
Како што се наведува, огромното мнозинство од нив било пречекано со соодветна помош и можност за привремен престој и пристап до вработување во земјите што граничат со Украина, а значителен дел почнал да се движи понатаму на Запад.
УНХЦР соопшти дека е „длабоко загрижена поради растечката ксенофобија, дискриминација и исклученост“ кон бегалците и барателите на азил во последните години и верува дека бегалската криза во Украина е можност за размислување.
Го поздравуваме овој огромен прием и солидарност со бегалците во последниве денови и се надеваме дека тоа би можело да поттикне размислување и промена на некои од штетните наративи и политики што ги видовме во многу слични ситуации – рече Кетрин Махони, портпаролка на УНХЦР.
Ваквата изјава се надоврзува на претходната одлука на Европската Унија, која објави дека на украинските бегалци ќе им даде право да останат и да работат во Унијата до три години.
Бегалски карвани и кон Русија
Речиси 31.400 цивили се евакуирани од Мариупол преку хуманитарни коридори, од кои 99 отсто изразиле подготвеност да заминат во Русија или области под контрола на руските сили, изјави генерал-полковникот Михаил Мизинцев, шеф на рускиот центар за управување со националната одбрана.
– Хуманитарната операција продолжува во Мариупол. Во изминатите 24 часа, руските сили обезбедија безбедна евакуација на 31.367 цивили, меѓу кои 89 странци, од деблокираниот град преку хуманитарни коридори. Меѓу нив има 71 претставник на ОБСЕ, девет грчки и девет пакистански државјани – рече Мизинцев, пренесува ТАСС.
Според рускиот функционер, само 36 евакуирани отишле во областа контролирана од Киев во регионот Днепропетровск.