Поради војната во Украина, Европската Унија предвиде голем финансиски пакет, преку кој ќе ја надомести штетата што ќе ја претрпат земјите-членки и кандидатките за членство. Македонија, која целосно се придржува кон политиките на ЕУ, исто така трпи огромни последици врз својата економија. Поради тоа, сѐ погласни се апелите на експертската јавност и Македонија да биде вклучена во компензациските фондови на Унијата. Пакетот на финансиска поддршка се проценува на над 1,2 милијарда евра и постојано ќе се зголемува
ЕВРОПСКАТА УНИЈА ОДРЕДИ ПАКЕТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ЗЕМЈИТЕ-ЧЛЕНКИ И ЗА КАНДИДАТКИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО
Македонија се придружи кон санкциите што Европската Унија ѝ ги воведе на Русија поради војната во Украина, со што уште еднаш потврди дека во целост ја има усогласено надворешната политика со онаа на Унијата, иако економските штети што почнува да ги трпи веќе резултираат со нови задолжувања, кои ја водат државата кон критичното ниво на задолженост.
Во таа насока, за спас на економијата и животниот стандард на граѓаните се и последните иницијативи земјава да се обрати до ЕУ и да побара и Македонија да биде вклучена во делот на компензациите што земјите-членки на Унијата ќе ги добијат од европските фондови заради санкциите што ги вовеле кон Русија.
Македонија, со стекнувањето на кандидатскиот статус за членство во Европската Унија, доби можност за самостојно користење на програмата за помош и претпристапните програми на Унијата, популарно наречени ЕУ-фондови.
Овие фондови се предвидени за локалните самоуправи, градовите, здруженијата, образовните институции, претприемачите и другите јавни и државни установи, затоа право на повлекување средства од ЕУ-фондовите имаат сите видови организации од јавниот, приватниот и цивилниот сектор, како и граѓани поединци и нивните иницијативи.
Предуслов е сите наведени субјекти да се земјите-членки на ЕУ или земји-кандидатки. Средствата од ЕУ-фондовите се повлекуваат според посебни услови, кои се одредуваат одделно за секој конкурс според условите одредени во пријавата.
Сето ова важи во нормални услови кога се аплицираше за европски пари врз основа на понуден проект, но сега ситуацијата е сосема поинаква бидејќи војната во Украина е дополнителен удар врз македонската кревка економија и без директна европска финансиска помош, земјава влегува во турбулентен период на голема задолженост од која тешко самата ќе се извлече.
– На Украина ѝ овозможивме 300 милиони евра итна макрофинансиска поддршка. Ова е прва исплата на пакетот од 1,2 милијарда евра. Тоа значи дека ќе следуваат уште – изјави неодамна Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија.
ЕУ може да даде макрофинансиска поддршка за земјите во нејзиното непосредно опкружување за време на економска криза, така што и Македонија, како земја-кандидат, треба навреме да ги актуализира побарувањата за помош од ЕУ за да не остане маргинализирана и уште повеќе задолжена.
– Секако силен импулс за поскоро закрепнување од европската криза ќе биде и зајакната финансиска поддршка од ЕУ, со што дополнително ќе се овозможи забрзана енергетска и дигитална трансформација – изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски, по вчерашната средба со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски смета дека Македонија треба пред ЕУ аргументирано да ги изнесе сите области во кои трпи директни штети од санкциите.
– Не е лошо македонската влада да се подготви во тој контекст, да каже што е проблемот што го имаме кај нас, со кои проблеми се судира нашето општество итн. Ние треба да бидеме јасни пред Брисел, да кажеме дека ги трпиме последиците и пред ЕУ да ставиме еден вид преглед, кој дел од нашата трговска размена е директно погоден, што значи ситуацијата со енергијата за нас и кој удар го имаме околу тоа – вели Боцевски.
Според него, сето ова треба да се презентира со прецизни бројки и да се истапи исто како што го прават тоа земјите-членки.
– Треба да се настапи со бројки и да се замоли ЕУ во сите европски политики што ќе бидат за справување со кризата, земјите-кандидати да бидат третирани како земјите-членки. Тоа е она што можеме да го побараме во овој момент – смета Боцевски.
Тој се согласува дека кога Унијата бара од Македонија да ја усогласи нејзината надворешна политика со европската, треба на сличен начин да возврати.
– Ако веќе сме ја усогласиле надворешната политика со ЕУ, тогаш и Брисел треба да покаже фер однос и да ја вклучи Македонија во тие фондови од кои ќе се помагаат економиите на земјите-членки. Но конкретната работа треба да ја направи нашата влада и да си ја заврши домашната задача, односно да излезе со конкретните бројки пред сојузниците околу целата таа работа – истакнува Боцевски, притоа изразувајќи загриженост дека кризата ќе предизвика уште поголема задолженост на државата.
– Важно е ние навреме да влеземе во купот кога ЕУ ќе решава за справување со кризата – заклучува Боцевски.
Борел: Не можам да ветам датум
Ова е момент за будење на Европа. Процесот на проширување со земјите од Западен Балкан треба да заживее, но освен надеж дека што поскоро би требало да започнат претпристапните разговори со Македонија и со Албанија во ЕУ, сѐ уште нема конкретен датум кога би бил постигнат напредок во преговорите, се дел од пораките што ги пренесе високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, за време на вчерашната посета на Скопје.
– Северна Македонија и целиот регион се стратегиски приоритет за нас и решени сме европската перспектива да ја направиме реалност. Разбирам дека имате одредени очекувања и со право. Мојот став е дека треба да почнеме што поскоро со формални разговори за пристапување на Северна Македонија и на Албанија. Се надевам дека тоа ќе се случи на идната конференција – порача Борел на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Високиот претставник на ЕУ уште еднаш повтори дека не може да вети кога Македонија ќе ги започне пристапните преговори со Унијата, притоа изразувајќи поддршка на засилената динамика и новиот пристап во разговорите со Бугарија.
– Не можам да ви ветам датум, но можам да ви ветам волја. А таму каде што има волја, има и начин – истакна Борел.
Тој најави усвојување четврти пакет санкции, кој ќе опфати нови мерки против Русија и нејзиниот пристап до пазарот со криптовалути, извоз на луксузни стоки и кон челичниот сектор.
Според македонскиот премиер Димитар Ковачевски, неопходно е земјата да има јасна перспектива во ЕУ, а проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од стратегиско значење, особено по војната меѓу Русија и Украина.
– Како никогаш досега се јавува потребата Европа да биде обединета. Ситуацијата меѓу Русија и Украина станува сѐ поалармантна, сите членки мора да дејствуваат. Единствено Европа што е обединета може да биде силна Европа. Сите мора да најдеме начин како да ги надминеме предизвиците коишто стојат пред нас – рече Ковачевски, потсетувајќи дека и трети страни можат да бидат инволвирани во конфликтот, па затоа упати апел за забрзување на процесите на интеграција во ЕУ.
Борел вчера се сретна и со претседателот Стево Пендаровски, кој неговата посета на Македонија и на регионот ја оцени како потврда за посветеноста и поддршката на ЕУ за Западен Балкан, особено во светло на новата геополитичка реалност во Европа.
Пет европски фондови од кои може да се побараат пари
Европските фондови се замислени како финансиски инструменти, кои се во насока на спроведување одделни политики на Европската Унија во земјите-членки. Една од најзначајните политики е кохезионата политика, за која ЕУ во финансискиот период 2014-2020 година издвои 376 милијарди евра од буџетот. Во финансискиот период 2007-2013 за истата намена биле издвоени 347 милијарди евра.
Кохезионата политика на ЕУ се финансира од три главни фонда:
1. Кохезиски фонд – наменет за државите-членки, чиј бруто-национален доход по жител е помал од 90 отсто од просекот на доходот во ЕУ за финансирање проекти од подрачјето на сообраќајот и околината.
2. Европски фонд за регионален развој – има цел јакнење на економската и социјалната кохезија во рамките на ЕУ, како и намалување на развојните разлики меѓу нејзините региони.
3. Европски социјален фонд – го поттикнува вработувањето и можностите за вработување во ЕУ.
Европскиот фонд за регионален развој и Европскиот социјален фонд се познати под името структурни фондови.
Покрај овие фондови, на земјите во ЕУ на располагање им се и Европскиот земјоделски фонд за рурален развој и Европскиот фонд за поморство и рибарство.
Овие пет фонда се нарекуваат и Европски структурни и инвестициски фондови и од нив се црпат сите средства што им се даваат на државите на кои им е потребна помош.