Ниту поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, ниту некој од останатите шест обвинети се чувствуваат виновни за набавката на софтверите, кабините, камерите, како и земањето на хонорари од Владата без извршување на работни задачи. Дел од нив не разбираа ниту за што се обвинети, дел, не го разбираа правниот дел од обвинението. Адвокатот Владимир Доневски посочи дека ќе ја докаже и невиноста на неговиот клиент.
– Ги разбирам зборовите во целост, семантички, правно – не. Апсолутно немам вина – рече прв Рашковски.
Управителот на фирмата „Инвока груп“ од кој Владата го набавила софтверот за мерење брзина на возила рече исто така дека не се чувствува виновен.
„Јасно ми е се. Апсолутно немам вина, не признавам вина“, „Не се согласувам со обвинетиот акт и не се чувствувам апсолутно виновен“, „Не ми е јасно за што сум обвинетата и не се чувствувам виновна“, беа одговорите на останатите обвинети.
Адвокатот Владимир Доневски кој го застапува Драги Рашковски кажа дека ќе докажат дека системот за мерење на брзина на возилата е имплементиран, а со тоа биле реализирани и обврските на фирмите.
– Ќе го дискредитираме вештачењето – кажа Доневски, бидејќи не било направено согласно упатството и други важни параметри.
„Рашковски овозможил на сите економски оператори обезбедил да учествуваат во фер и правична постапка“, додаде адвокатот бидејќи Рашковски е обвинет дека ги наместил двата тендери преку кои се купувале софтверите, кабините, камерите.
„Тврдењата дека обвинетиот ја злоупотребил службената положба за преку авторските договори да прибави корист, ќе ги дискредитираме заедно со доказите кои ги понудил јавниот обвинител“.