Шест чекори што мора да ги преземе Западот

Во текот на изминатата недела, како одговор на ужасните сцени во Украина, западното единство беше импресивно и охрабрувачко. Знам од моите речиси секојдневни разговори со претседателот Володимир Зеленски дека тоа им обезбеди на Украинците одредена утеха кога им беше најпотребна.
Никогаш во мојот живот не сум видел меѓународна криза каде што линијата на поделба помеѓу правилното и погрешното е толку остра, додека руската воена машина го истура својот бес врз гордата демократија. Непромислениот напад на Русија врз нуклеарната централа во Запорожје нè потсетува колку се тешки влоговите за сите. Повеќе од еден милион луѓе избегаа од насилството кон неизвесна иднина.
Американскиот претседател Џо Бајден покажа одлично лидерство, со консултациите и свикувањето на сојузниците, разоткривајќи ја лагата дека посветеноста на Америка кон Европа е намалена. Европската Унија (ЕУ) презеде извонредни напори да се обедини зад строгите санкции кон Русија. Десетици европски земји испраќаат одбранбена опрема до вооружените сили на Украина. Но, дали направивме доволно за Украина? Искрениот одговор е не.
Чинот на агресија на Владимир Путин не смее да успее и мора да се види како не успева. Не смееме да дозволиме некој во Кремљ да се извлече со погрешно претставување на нашите намери за да најдеме ретроспективно оправдување за оваа војна по избор. Ова не е конфликт на НАТО и нема да стане. Ниту еден сојузник не испрати борбени трупи во Украина. Ние не сме непријателски настроени кон рускиот народ и немаме желба да оспоруваме голема нација и светска сила. Ние жалиме за одлуката за испраќање млади невини Руси во залудна војна.

Вистината е дека Украина немаше сериозни изгледи за членство во НАТО во блиска иднина и бевме подготвени да одговориме на наведените безбедносни грижи на Русија преку преговори. Јас и многу други западни лидери разговаравме со Путин за да го разбереме неговото гледиште. Велика Британија испрати дури и делегати во Москва пред руската инвазија за директно да остварат средба со министерот за одбрана, генералот Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот, генералот Валериј Герасимов, кои ја предводат оваа ужасна кампања.
Сега е јасно дека дипломатијата никогаш немала шанса да успее. Но токму поради нашата почит кон Русија, постапките на режимот на Путин ги сметаме толку несовесни. Тој се обидува да го уништи самиот темел на меѓународните односи и Повелбата на Обединетите нации, поточно правото на нациите сами да одлучуваат за својата иднина, ослободени од агресија и страв од инвазија. Неговиот напад врз Украина започна со конфигуриран изговор и флагрантно кршење на меѓународното право, кој понатаму тоне во ужасна кампања на воени злосторства и незамисливо насилство врз цивилите.
Иако не може да се спореди со нападот врз Украина, ние во Велика Британија знаеме нешто за немилосрдноста на Путин. Пред четири години го надминавме исходот од употребата на хемиско оружје од страна на руските оперативци против луѓето во Солсбери, Англија, а нашите сојузници застанаа на наша страна. Во нашиот преглед на одбраната и надворешната политика, објавен пред една година, предупредивме дека Русија останува најакутна безбедносна закана и најавивме најголемо зголемување на нашите трошоци за одбрана од крајот на Студената војна.
Ние, исто така, предупредивме дека светот влегува во период на натпревар во кој авторитарните држави ќе ја тестираат моќта на Западот во секој домен. Минатогодишниот договор меѓу Велика Британија, Америка и Австралија за помош во распоредувањето нуклеарни подморници за австралиската морнарица ја покажа нашата заедничка решителност да одговориме на предизвиците со кои се соочуваме во Индо-Пацификот.

Не успеавме да ги научиме лекциите од руската агресија. Премногу долго го имавме свртено и другиот образ. Никој не може да каже дека не бевме предупредени: видовме што направи Русија во Грузија во 2008 година, во Украина во 2014 година, па дури и на улиците на Солсбери. И од разговорот со моите колеги при неодамнешните посети на Полска и Естонија, знам колку акутно ја чувствуваат заканата.
Веќе не е доволно да се изразуваат топли флоскули за меѓународниот поредок заснован на правила. Ќе мораме активно да го браниме против постојаниот обид да се препишат правилата со сила и други алатки, како што е економската принуда. Мораме да го вратиме ефективното одвраќање во Европа, каде што, предолго, самиот успех на НАТО и на американската безбедносна гаранција доведе до самозадоволство. Она што се случува во Европа ќе има длабоки импликации во светот.
Задоволни сме што гледаме повеќе нации што почнуваат да ја сфаќаат оваа тешка реалност. Во јануари, Велика Британија беше меѓу неколкуте европски земји што испратија одбранбена помош за Украина. Сега повеќе од 20 земји се дел од тие напори. Трошоците за одбрана се зголемуваат, иако ќе биде потребно време за тоа да се претвори во капацитет. Тоа е добредојден развој на настаните, но нема да биде доволно само по себе за да се спаси Украина или да се одржи жив пламенот на слободата. Русија има огромна сила и очигледно не ги почитува законите на војната. Сега треба да се подготвиме за уште помрачни денови што следуваат. Затоа, мора да почнеме да развиваме план во шест чекори за Украина, и тоа уште денес.
Прво, мора да мобилизираме меѓународна хуманитарна коалиција. Неодамна се сретнав со лидерите на Канада и на Холандија во Лондон за да разговарам за создавање најширока можна коалиција за да се обелодени ужасот што се случува во Украина. Потоа остварив средба со лидерите на Полска, Словачка, Унгарија и на Чешка, кои сега се на првата линија на бегалската криза. Велика Британија има 1.000 војници на готовност за хуманитарни операции, покрај 220 милиони фунти (291 милион долари) помош. Сите ние мора да работиме заедно за да воспоставиме итен прекин на огнот и да им овозможиме на цивилите безбеден премин, храна и медицински материјали.

Второ, мора да направиме повеќе за да ѝ помогнеме на Украина да се одбрани. Сè повеќе нации се подготвени да обезбедат одбранбена опрема. Мора да дејствуваме брзо за да ги координираме нашите напори за поддршка на Владата на Украина.
Трето, мора максимално да го искористиме економскиот притисок врз режимот на Путин. Мораме да продолжиме понатаму со економските санкции, исфрлајќи ја секоја руска банка од СВИФТ и давајќи им на нашите агенции за спроведување на законот невидени овластувања да ја го разоткријат потеклото на валканите руски пари во Лондон. Мора да тргнеме по олигарсите. Досега, Велика Британија воведе санкции за повеќе од 300 лица и ентитети од руската елита, вклучувајќи го и самиот Путин. Но овие мерки ќе бидат недоволни доколку Европа не почне да се одвикнува од руската нафта и гас што ја финансираат воената машина на Путин.
Четврто, без разлика колку време е потребно, ние мора да спречиме какво било притаено нормализирање на она што Русија го прави во Украина. Поуката од руската инвазија на Грузија во 2008 година и заземањето на Крим во 2014 година е дека прифаќањето на резултатите од руската агресија само поттикнува поголема агресија. Не можеме да дозволиме Кремљ да отстранува делови од независна земја и да нанесе огромно човечко страдање, а потоа повторно да се врати на своето.
Петто, секогаш треба да бидеме отворени за дипломатија и деескалација, под услов Владата на Украина да има целосно учество во секое потенцијално решение. Не може да има нова Јалта, на која надворешните сили ќе одлучуваат за судбината на народот на Украина.
Шесто, мора да дејствуваме сега за да ја зајакнеме евроатлантската безбедност. Ова вклучува не само зајакнување на источното крило на НАТО туку и поддршка за европските земји што не се членки на НАТО, кои се потенцијално изложени на ризик од руска агресија, како што се Молдавија, Грузија и државите од Западен Балкан. А оние што учествуваат или поддржуваат руска агресија, како што е Белорусија, ќе бидат предмет на максимални санкции.
Украинците храбро ја бранат својата земја. Нивната храброст е таа што ја обедини меѓународната заедница. Не можеме да ги изневериме.

Борис Џонсон, премиер на Велика Британија