Порано одлучувавме врз основа на две полусезони. Сега ќе биде појасно. Тоа е можност и за нов поттик, изјави уредникот на „Франс фудбал“, Паскал Фер. Поголем акцент ќе биде ставен врз перформансите на играчите наместо на трофеите освоени од тимот на играчот
НАГРАДА „ЗЛАТНА ТОПКА“ НА „ФРАНС ФУДБАЛ“
Признанијата „златна топка“ што им се доделуваат на најдобрите во светот на фудбалот отсега ќе се базираат според постигнувањата во текот на една сезона, а не во календарска година, одлучи францускиот фудбалски магазин „Франс фудбал“, кој ги доделува тие престижни награди од 1956 година. Организаторите, исто така, одлучија да го намалат и бројот на оние што решаваат за добитниците. Панелот од 170 новинари ќе биде намален на 100 за машката награда, а женскиот панел ќе содржи 50.
– Порано одлучувавме врз основа на две полусезони. Сега ќе биде појасно. Тоа е можност и за нов поттик – изјави уредникот на „Франс фудбал“, Паскал Фер.
Најавените измени следуваат по критиките наменети за доделувањето на „златната топка“ за 2021 година. Фер рече дека поголем акцент ќе биде ставен врз перформансите на поединечни играчи наместо на трофеите освоени од тимот на играчот.
Во гласањето ќе учествуваат 100 новинари од највисокорангираните земји во машкиот фудбал и 50 од најдоброрангираните во фудбалот за жени.
Следното доделување на наградата „златна топка“ треба да се одржи во септември или во октомври годинава и ќе се заснова врз ефектите во сезоната што ќе заврши во јули со Европското првенство за фудбалерки. Ефектите на фудбалерите на Светското првенство во Катар, кое треба да се одржи во ноември и во декември годинава, ќе се сметаат при доделувањето на наградите во 2023 година.