Ањели и неговите колеги од Реал Мадрид и од Барселона, претседателите Флорентино Перез, односно Жоан Лапорта, бараат членовите 49 и 51 од статутот на УЕФА да бидат прогласени за незаконски според европските закони

ФУДБАЛ

Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели, се очекуваше вчера да најави дека е подготвен да ја продолжи битката со Европската фудбалска унија (УЕФА) околу формирањето европска суперлига, пишува британскиот „Телеграф“. Јувентус, Реал Мадрид и Барселона уште се за суперлигата што имаше многу краток век, односно пропадна брзо во април минатата година (во меѓувреме се повлекоа Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Ливерпул, Челси, Арсенал, Тотенхем, Атлетико, Интер и Милан), по што триото сега води правна постапка против Европската фудбалска унија пред Европскиот суд на правдата.
Трите клуба тврдат дека УЕФА има монопол на организирање европски натпреварувања и дека судот ќе реши во корист на суперлигата кога ќе се расправа за случајот, кој сега се очекува да биде подоцна годинава или во почетокот на 2023 година, пишува „Телеграф“.
Ањели и неговите колеги од Реал Мадрид и од Барселона, претседателите Флорентино Перез, односно Жоан Лапорта, бараат членовите 49 и 51 од Статутот на Европската фудбалска унија да бидат прогласени за незаконски според европските закони.

Тие членови ѝ даваат „единствена јурисдикција“ на Европската фудбалска унија да организира натпревари во Европа помеѓу клубови поврзани со националните фудбалски асоцијации и забрануваат „комбинации или сојузи“ меѓу клубови без дозвола на УЕФА.
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, изјави дека сопствениците на клубовите што се обидуваат да формираат европска суперлига „живеат во паралелен свет“, објави британскиот „Дејли меил“.
– Морам да кажам дека тие што зборуваат за суперлигата не зборуваат за фудбал. Смачено ми е и уморен сум од овој нефудбалски проект – рече Чеферин.
Чеферин, исто така, негираше дека реформите во Лигата на шампионите во рамките на проширената групна фаза со т.н. „швајцарски модел“ се замена за суперлига.
– Не е сериозно некој да ја споредува реформата во Лигата на шампионите со суперлигата. Сега имаме 32 тима во Лигата на шампионите, планот е да имаме 36 со повеќе места за помалите и средните лиги – вели тој.