Ми се допаѓа моите тимови да играат брзо и агресивно, а голема заслуга за тоа има Рангник, вели Марш, кој на англиските љубители на фудбалот им стана познат по необичниот инспиративен говор на полувремето од мечот Ливерпул – Салцбург во ЛШ во 2020 година, кој беше демонстрација на елоквентност, лидерство и борбен дух, а неговиот тим потоа ги демонстрира неговиот тактички ум и стил на игра со силен интензитет, висок пресинг и игра на победа

ФУДБАЛ – НОВИОТ МЕНАЏЕР НА ЛИДС

Американецот Џеси Марш (48), новиот менаџер на англискиот премиерлигаш Лидс, на англиските љубители на фудбалот, па и на европските, им стана познат по необичниот инспиративен говор на полувремето од мечот Ливерпул – Салцбург во Лигата на шампионите во октомври 2020 година, кога неговиот тим губеше со 0-3, на полувремето беше 1-3, потоа успеа да израмни на 3-3, за на крајот, сепак, да загуби со 3-4. Тој говор беше демонстрација на елоквентност, лидерство и борбен дух, а неговиот тим потоа ги демонстрира неговиот тактички ум и стил на игра со силен интензитет, висок пресинг и игра на победа, пишува „Би-би-си“.
На Марш ќе му треба сето тоа, па и повеќе за да ја постигне целта со Лидс каде што го наследи Аргентинецот Марсело Биелса. На Марш ќе му помогне фактот дека ќе наследи клуб трансформиран од Биелса, модерен, напреден, со многу подобрени капацитети и култура во согласност со познатата мантра на Били Бремнер „тимот пред играчот, секогаш“. Лидс освои само еден бод од можните 18 на претходните шест меча, во февруари прими 20 гола, најмногу од која било премиерлигашка екипа досега во еден месец. Доказ за самодовербата на Марш е што е подготвен да зачекори во таква ситуација, пишува „Би-би-си“.

По 14-годишната кариера како играч од средниот ред, помината целосно во САД, Марш, кој е роден во Висконсин, се пензионира во 2010 година, пред да ѝ се посвети на тренерската работа. Првата улога му беше како помошник на Боб Бредли во репрезентацијата на САД. Првпат беше тренер во Монтреал пред да направи тригодишна пауза, која вклучуваше и шестмесечна пауза од фудбалот за да патува во 32 земји со своето семејство, престојувајќи во хостели, со цел да ја прошири својата перспектива за животот. Во 2015 година имаше најмногу победи од кој било тренер на Њујорк, што ќе го одведе во Европа и до работа како помошник-тренер во Лајпциг под водство на Ралф Рангник, кој очигледно имаше големо влијание врз размислувањата на Марш за играта, какво што имаше и врз Јирген Клоп, Томас Тухел и Ралф Хазенхутл. Тој го опишува Рангник како „гениј“. Во интервју за „Њусвик“ во 2020 година, Марш рече: „Ми се допаѓа моите тимови да играат брзо и агресивно, а голема заслуга за тоа има Ралф“. Тие искуства беа очигледни кога работеше во Салцбург, каде што ја користеше формацијата 4-4-2, или 4-2-3-1 дизајнирана за големи пресврти и за доминација на високиот пресинг. Тоа му помогна да освои две последователни двојни круни во Австрија.

Во Лидс, тој ќе најде играчи што се приспособени на таквите барања, научени на напорна работа на тренинзите на Биелса и со некои што имаат најимпресивни статистики за трчање. Она што веројатно значително ќе се разликува од Биелса е во неговиот поинаков пристап и претпочитувањето за повеќе зонско играње во однос на непоколебливата верба на Аргентинецот за играње човек на човек и за крајно отворена игра, две области во кои Лидс се надева дека ќе може да ја поправи лошата игра во одбраната. Во Марш, Лидс би можел да најде друг интелигентен, внимателен и скромен менаџер, кој ја разбира потребата да се нурне во локалната култура.