Министерство за внатрешни работи ќе направи целосен ветинг на вработените. Почнати се подготвителните активности, направени се компаративни анализи и наскоро се очекува дефинирање на правната рамка, која ќе биде предложена до Собранието.
Ова го изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.
– Очекуваме врз основа на строго утврдени правила и критеруми да се изврши процесот на ветинг на секој вработен во МВР. Тоа значи да има професионални полицајци, декриминализирана, департизирана полиција, која ќе го штити интересот на граѓаните, полицајци, кои професионално и одговорно си ја вршат својата задача, нагласи Спасовски.
Додаде дека во текот на тој процес ќе се види дали полициските службеници „се службеници или воедно и бизнисмени или се вклучени во други криминални активности“ и нагласи дека целта е пред се да се врати довербата на граѓаните во полицијата.