Државата има Влада која одбива консензус за најважното прашање кое во моментов ја засега земјата, а одбивањето само говори дека на повидок е многу поопширно решение само од промената на Уставот во која што требало да биде вклучено бугарското малцинство во Македонија, истакна денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој во обраќање во Охрид каде отчет на сработеното во првите три месеци од мандатот дадоа шест градоначалници рече дека „поопширното решение подразбира навлегување во историјата и македонскиот јазик со што директно се задира македонскиот идентитет, како и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати, „такво идентитетско обезличување“.
Коментирајќи ја актуелната состојба во надворешните односи на државата Мицкоски рече дека петта година по ред и покрај сите отстапки државава е надвор од портите на ЕУ.
– Спорот со Бугарија чиј создавач е заевизмот е непремостлива пречка за оваа Влада. Главна активност на Ковачевски изминатиот период е сликањето со Петков и состаноците со Заев. За ова последново не ни требаат докази, се гледа од политиките на Ковачевски – сите тие политики се практично лице и опачина на една иста политика која што беше убедливо поразена на двапати на локалните избори, позната во јавноста како заевизам – рече Мицкоски.
Проблемот го гледа во тоа што „државата има Влада која одбива консензус за најважното прашање кое во моментов ја засега земјата“, како што рече, таа подадена рака за секој државник и премиер особено кога тоа доаѓа од опозицијата како што го направивме ние би била прифатена затоа што тоа е одговорно однесување и би било засилување на аргументите во преговорите со нашиот источен сосед“.
– Одбивањето само говори дека на повидок е многу поопширно решение од само промената на Уставот во која што требало да биде вклучено бугарското малцинство во Македонија. Поопширното решение подразбира навлегување во историјата и македонскиот јазик со што директно се задира македонскиот идентитет што би значело газење по македонскиот идентитет. Такво идентитетско обезличување ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати ниту сега ниту во иднина. Во исто време сакам да се знае дека потребна е широка поддршка од сите интелектуални и општествени групи, нивна мобилизација и гласност на секој поединец за да не се дозволи решение со кое подоцна треба да се живее. Јасно им е дека во Парламентот немаат 80 пратеника и единственото нешто што ќе им остане на располагање е целокупните барања опфатени со Декларацијата на бугарскиот Парламент да бидат дел од преговарачката рамка. Тоа е она кое што го преговара денеска Ковачевски од името на Зоран Заев и тоа е оној заевизам којшто ние го зборуваме, којшто не исчезна, присутен е неговиот дух затоа што според политиките на Ковачевски тоа можеме да го видиме и во јавноста и во преговорите со Петков – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се што има на располагање за да го спречи и да се спротивстави на решението што, според него, Ковачевски е подготвен да го потпише, без притоа да го понуди на увид на јавноста. Истовремено тој дополни дека после таквите потези враќање назад нема, дека ќе остане само опцијата, како што рече, земјата да се бугаризира и стане дел од ЕУ или да преговара до бесконечност“.
– ВМРО-ДПМНЕ не е против решение. ВМРО-ДПМНЕ е за решение. Бара гаранции Петков, бара гаранции и ВМРО-ДПМНЕ. Бара гаранции ВМРО-ДПМНЕ за многувековната историја на македонскиот народ како посебен народ и различен од останатите словенски народи. Бара гаранции за неговата традиција, обичаи, култура, македонскиот јазик и конечно бараме гаранции како ВМРО-ДПМНЕ дека никогаш повеќе никој додека не станеме полноправна членка на ЕУ каде што му е местото на овој народ и каде што и местото на Македонија дека никој понатаму поради субјективни причини нема да не опструира. Тоа се условите да седнеме на маса да постигнеме национален консензус и да продолжиме да преговараме. За бадијала ни е се ако го изгубиме она што нашите предци а коишто со глава, крв и живот го платиле тоа што ние денес го живееме, рече опозицискиот лидер барајќи, како што вели, „општествена поддршка за да не се дозволи предавство“.
Мицкоски рече дека излезот од настанатата ситуација е масовност, нов патриотизам, обединување во борбата за заедничка иднина.
– Време е да се остават нишаните, партиските поделби и мора да дадеме одговори на вистински потреби на народот. Не смееме да губиме време, треба заеднички и сложно да градиме иднина. Да создаваме промени што носат иднина – рече тој.