ИМ Никола Николовски

Седум шахисти имаа по 5,5 поени, победи Миаоуи од Кина, откако за пласманот решаваше третиот дополнителен критериум за одредување пласман при еднаков број поени

ШАХ – ТУРНИР ВО АРАНЃЕЛОВАЦ

Македонскиот интернационален мајстор (ИМ), член на Гамбит Асеко СЕЕ и репрезентативец, Никола Николовски (2.402 рејтинг-поени) го освои одличното второ место на отворениот интернационален турнир „АСК 5“ во Аранѓеловац, Србија, во конкуренција на 18 шахисти (по тројца велемајстори и ФИДЕ-мајстори, четворица интернационални мајстори) од седум држави (Македонија, Русија, БиХ, Кина, Индија, Исланд и Србија).
Николовски, кој беше рангиран прв пред турнирот, по девет кола собра 5,5 поени (четири победи, три ремија и два пораза), колку што имаа уште шестмина учесници. Меѓу нив беше и членот на Алкалоид и на репрезентацијата, ИМ Тони Лазов (2.388, рангиран втор), кој со 5,5 поени (три победи, пет ремија и еден пораз) беше петти.
– Генерално сум задоволен од прикажаната игра, но мислам дека можеше и многу подобро. На претходниот велемајсторскиот турнир одиграв послабо и уште не бев влезен во посакуваната форма, но и конкуренцијата таму беше силна, а на вториот турнир веќе се навикнав и беше подобро, успеав да завршам на второто место, делејќи прво. На турнирите играа многу млади играчи, чија јачина беше многу поголема од моментниот рејтинг. Повеќето имаат огромен потенцијал и во иднина се очекува да станат врвни играчи. Една од нив е и Лу од Кина, која победи на турнирот – ни изјави Николовски.

Третиот т.н. тај-брејк (дополнителен критериум за одредување пласман при еднаков број поени) реши првото место со 5,5 поени да ѝ припадне на единствената шахистка на турнирот, 22-годишната Лу Миаоуи (рејтинг 2.182, рангирана 11-та) од Кина, која освои и нови 80,8 рејтинг-поени, што претставува пријатно изненадување. Николовски ја доби партијата со Миаоуи, а Лазов загуби. Трет на турнирот е ИМ Зоран Руниќ (2.325), четврти ВМ Златко Илинчиќ 2.331), шести е ИМ Борољуб Златановиќ (2.388), седми ВМ Дејан Пикула (2.337), сите од Србија итн.