Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах денеска свечено ги прогласи за затворени 24. Зимски олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг и ги повика спортистите повторно да се соберат за четири години во Милано и Кортина Д‘Ампецо.
Изминатите три недели во седум спортови и 15 дисциплини настапија 2.871 спортисти од 91 држава, а најуспешна нација беше Норвешка со рекордни 16 златни медали.
Македонскиот олимписки тим го претставуваа биатлонците Ана Цветановска и Ставре Јада, додека знаменосецот Дардан Дехари поради повреда не настапи на трките во слалом и велеслалом.
– Вие спортистите не само што меѓусебно се почитувавте, туку и се поддржувавте, па дури и се прегрнавте, иако вашите земји можеби се во судир. Ги надминавте поделбите и покажавте дека во оваа заедница сите сме еднакви без разлика од каде доаѓаме, како личиме и во што веруваме. Оваа обединувачка сила на олимпискиот дух е посилна од силата која се обидува да не подели. Таа сила му дава сила на мирот. Вашата порака на солидарност и мир треба да биде инспирација за политичките лидери – порача Бах во завршното обраќање на Игрите во Пекинг.