Реакции по објавувањето на програмата за финансирање проекти од областа на културата
По објавувањето на резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година, вообичаено некои беа задоволни, а некои многу разочарани. Некои, пак, својот гнев го искажаа преку објави на социјалните мрежи, но и со соопштенија до јавноста. Така, Андреј и Панчо од групата „ДНК“, која годинава одбележува 20 години постоење, испратија писмо до медиумите.
– Ако бенд со 20-годишна кариера, кој зад себе има преку 60 синглови, 3 албуми, 2 големи соло концерти (Скопски саем), еден анплагд концерт (Универзална сала), безброј настапи низ државата и надвор од неа, презентирајќи ја својата земја, нѐ множат со нула, што останува за другите колеги и оние млади артисти кои започнале кариера или планираат да ја започнат. Ова е тотално омаловажување, деградирање и непочитување на своето. За жал, секогаш сме биле деструктивни како нација и секогаш туѓото се ценело многу повеќе. Ние концертот ќе го направиме како и да е, бидејќи пред се, тоа го должиме на нашата публика која нѐ следи изминативе 20 години и ќе бидеме среќни и радосни со секој еден што ќе ни направи чест да дојде таа вечер, која за нас ќе биде една од најбитните денови во нашите животи. Жалиме што сме родени во оваа држава, но ја сакаме Македонија, бидејќи тука е нашата публика заради која сме тоа што сме денес – напишаа Андреј и Панчо од групата „ДНК“.
Реагираше и Енис Хаџиќ – Енко од групата „Ласт експедишн“.
– Втора година по ред како Министерство за „култура” го одбива за средства еден од најзначајните македонски бендови „Ласт експедишн“. Претходните три години не ни конкуриравме бидејќи знаев каков ќе биде крајниот резултат. Знам дека сме прогласени за неподобни кај некои „фаци” од повисоките кругови, ама од друга страна многу ми е ќеиф што немам ист вкус со доленаведените. „Шефот” што знае за еден ден да направи, оваа петорка не е способна за цел живот. Сите останати, ве сакам многу и бидете ми здрави, живи, позитивни и среќни – напиша Енко на својот профил на Фејсбук.
Тошо Филиповски, авторот на неколку вредни книги за македонската популарна мзуика, меѓу кои се „Македонска рок енциклопедија 1963-2018“, „Македонска дискографија-Винили 1958-2019“, „Македонски рок времеплов“, „Мизар-Откровенија 1981-2021“, кој за својот труд лани ја доби државната награда, „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за остварување во областа на публицистиката, го нема на годинашниот список за субвенции.
– Некои идни генерации нека продолжат кај што застанав. Ова Министерство, оваа гарнитура, смета дека повеќе не се потребни вакви монографии/енциклопедии….ниту пак аудио документирање на македонскиот рокенрол. А и според она што набрзина го видов… македонската музичка култура во 2022 година ќе биде со акцент на класичната музика….рокенрол колку да се каже дека го има. Така процениле, така нека биде. Кога генерално никој не се буни… така ќе остане. Јас немам сила да одам повторно сам против ветерници… Наивно мислев дека со објавата на енциклопедијата во 2018 година престанаа тие бирократки проблеми и во иднина ќе биде важен креативниот и квалитативен процес… но сум се излажал. Во изминативе 4 години, од мај 2018 па ете до март 2022 (кога ќе биде промовирана монографијата за Мизар)… покажав што можам и како можам и што е она што заслужува да го има македонската музика. Но некој таму процени дека тоа е неважно/безначајно за да продолжам со темпото кое сам си го наметнав а кое институциите просто не се подготвени да го следат… А верувајте беше исцрпувачко за мене, ама сепак убаво чувство кога објавата се држи во раце – реагира Тошо Филиповски.
Својот револ го изрази и Елена Хаџи Антоновска, која ја организира долгогодишната меѓународна манифестација „Мал битолски Монмартр“, чиј идеен творец е нејзиниот татко Коста Хаџи Антоновски.
– Правите ли воопшто разлика меѓу „Светски ликовен конкурс Битола 2022″ и 40-та јубилејна детска ликовна изложба „Битола 2022″ како еден проект и 41-виот меѓународен фестивал „Мал Битолски Монмартр 2022“, како нешто сосема второ?! Не?! Оти тогаш срамот ќе е поголем ако мислите дека со 115.200 денари може да се реализира 41-виот меѓународен фестивал „Мал битолски Монмартр 2022″. Зошто?! Затоа што освен 2019 и 202о година просекот на посетители ќе го зацртаме на оние минимални 100. Проста математика е како со 1.152 денари вака репрезентативно решивте дека е нормално фестивал кој трае од 23-ти до 30-ти мај или 8 (осум) дена само по ставка гостин да го „покриете” со 144 денари дневно?! Поточно 144 денари (2,3 евра) за над 30.000 уметнички дела кои пристигаат репрезентативно во Битола преку младите ликовни уметници кои се амбасадори на над 40 земји од повеќе од 300 школи од целиот свет, а од кои 1.000 ќе се селектираат за награди и признанија и од кои логично е 10 проценти ќе се поканат и да творат, бидејќи основната цел на МБМ е творењето во Битола. Нели?! Срамота! По 40 години постоење некои нешта стануваат култни – настани од висок општествен приоритет а организаторот неформално е институција сам по себе. Но ете. Во светот тоа. Кај нас не. Кај нас врз нашето а светско вие ставивте цена. Вреди точно 144 денари. Браво… – напиша Елена Хаџи Антоновска на социјалните мрежи.
Како што објави Министерството за култура во 2022 година се поддржани проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, со распределба на буџетските средства во услови на пандемија и на економска криза, без да се наруши принципот на приоритет на квалитетот, а не на квантитетот. Во вакви услови, дадена е предност на домашната „жива култура“. Особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста, а еднакво се водеше сметка за правичната застапеност по етничка основа и за родовата рамноправност.
– Критериумите, приоритетите и мерилата врз чија основа се вршеше оцена на проектите по одделни дејности беа содржани во Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Вреднувањето на проектите и на програмите беше извршено од страна на комисии составени од стручни и компетентни лица во конкретната област, со почитување на принципите на соодветна и правична застапеност и непостоењето на судир на интереси – велат од министерството.
Во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, против решението може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата не го одлага извршувањето.
– Во вакви услови, дадена ѝ е предност на домашната „жива култура“. Запазени се и другите приоритети: поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура. Исто така, при селекцијата на проектите, комисиите воделе сметка и за правичната застапеност по етничка основа. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста. Еднакво се водело сметка и за родовата рамноправност – изјави министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција.
А еве меѓу другите некои од прокетите кои добија зелено светло: Влатко Лозаноски – Лозано за одржување концерт (100.000 денари), групата „Фолтин“ (150.000 ден.), Никола Мицевски (200.000 ден.), Дино Имери (152.000 ден.), групата „Баклава“ (50.000 ден.), „30 години од настапот на Тоше Проески на ‘Златно славејче’“ (139.000 ден.), „Ангел си ти“- по повод 41-от роденден на Тоше (139.000 ден.), Тони Китаноски (225.000 ден.), Аделина Таири Марков за унапредување на македонската музика (124.000 ден.), концерт по повод Денот на албанската азбука (100.000 ден.), концерт по повод Денот на албанското знаме 100.000 ден.), Деа Делина Плевнеш за носач на звук на групата „Перија“ (118.000 ден.), Георги Шаревски – дуети (182.000 ден.), Лидија Кочовска за проектот „Евергрини“ (80.000 ден.), Дина Јашари за снимање плоча (118.000 денари) и многу други. М.Т.