Писма
Деновиве светските агенции соопштија дека нa 3 февруари, на 92-годишна возраст, починал поранешниот грчки претседател Христос Сарцетакис. Навидум рутинска вест бидејќи и претседатели, кралеви, па и фараони во антиката – починувале, и од тоа нема бегање.
Но Сарцетакис ќе остане запаметен во меморијата на Македонците зад екваторот, особено на оние што таму беа во осумдесеттите години од минатиот век, по неговите фанатични и мизантропски јавни изливи на антимакедонизам, и тоа искажани на австралиска почва!
Австралија во 1988 година ја одбележуваше 200-годишнината од доселувањето на првите Европејци (се работи за криминалци од Велика Британија, бидејќи тамошните затвори биле преполни, а петтиот континент беше одлична можност тој проблем да се надмине). Секоја земја со којашто Австралија имаше дипломатски односи ѝ даруваше на земјата по нешто по повод јубилејот. Грција го стори тоа со изложбата од наодите од кралската гробница во Кутлеш, претставена во музејот во Мелбурн.
И како што е вообичаено, по повод свеченото отворање на изложба во Австралија допатува претседателот на Грција, Христос Сарцетакис. Но Грк не би бил Грк, па дури и ако е претседател на државата, доколку не предизвика проблем заради нивната опседнатост дека се Грци, демек наследници на „нивните“ славни предци од антиката. А, еве, што се случи: Сарцетакис допатува директно во главниот град Канбера и во негова чест премиерот Боб Хок приреди свечена вечера. Но во поздравното обраќање на грчкиот претседател, тој изрече големи критики за австралиската политика на мултикултурата бидејќи, според него, „признавала посебност на етничка заедница (станува збор за Македонците), која (за Сарцетакис) како нација не постои“!? Ваквата изјава на гостинот ги разбесни австралиските политичари, кои ја доживеаја како мешање во внатрешните работи на земјата и сквернавење на политиката на мултикултурата, што за Австралијците е нешто свето! Особено остри беа реакциите на премиерот Боб Хок.
Од Канбера, Сарцетакис замина за Мелбурн за да ја отвори изложбата на античките наоди од Кутлеш. Но провокацијата што ја изрече претходниот ден во Канбера беше доволен повод Македонците од државата Викторија масовно да излезат и да протестираат. Нашинците беа принудени од полицијата да се соберат зад музејот, а обезбедувањето беше организирано со дури три кордони полиција, меѓу кои специјалци за боречки вештини (marshal arts), коњаници и урбана полиција. Сѐ беше под контрола до моментот кога Сарцетакис – наместо да замине од главниот влез на музејот, каде што го чекаше колоната со автомобили, излезе од задниот влез каде што беа насобрани Македонците, и тоа рапетлан како кафеански пејач, и почна да ги провоцира насобраните илјадници македонски протестанти, извикувајќи: „Македонико…“. Тоа беше иницијална каписла и насобраниот народ побесне. Настана невидена мешаница и обезбедувањето едвај успеа безбедно да го извлече грчкиот претседател.
Но кулминацијата на незадоволството на Македонците сепак настана утредента, кога Сарцетакис дојде во Сиднеј. Без никаква најава или организација, околу хотелот каде што беше предвиден ручек во чест на високиот гостин, самоиницијативно се собраа (според процените на локалните медиуми) помеѓу 25 и 30 илјади македонски иселеници. Испровоцирани од изјавите во Канбера и однесувањето во Мелбурн, револтот на насобраните Македонци беше уште пожесток! Ни трите кордони полиција не успеаја да ги контролираат разбеснетите македонски демонстранти, кои го искршија службениот блиндиран „ролс-ројс“, што австралискиот протокол го користи исклучиво при посетите на кралицата Елизабета Втора, која е номинална шефица на државата Австралија. Некои од гостите на ручекот беа принудени да влезат од задната врата на хотелот за послуга и доставувачи на намирници, за да ги избегнат протестантите.
Во сета мешаница имаше дури и по малку анегдотски случувања. Многубројни беа апсењата на демонстрантите, кои беа трпани во специјални големи полициски комбиња, но на помош на нашинците им излегоа полицајци од хрватско потекло, кои: штом некој демонстрант ќе беше пикнат во комбето од задната врата, го пуштаа на слобода од предната врата.
Вакви демонстрации како споменатите – според масовноста и жестокоста, испровоцирани од шефот на државата Грција, речиси не се паметат досега во Австралија. Но, истовремено, мислам дека Македонците на петтиот континент немале толку голема афирмација досега од локалните медиуми! Демонстрациите беа проследени и со хеликоптери со директен пренос на австралиските телевизии: многубројни беа интервјуата и изјавите на нашинци зошто протестираат, а имам впечаток дека и самите австралиски власти премолчено ги одобрија реакциите на нашинците, бидејќи незгодниот гостин длабоко ги навреди со своите изјави, и тоа кај нив, дома.
Ете, токму поради овие случувања, Христос Сарцетакис ќе остане запаметен длабоко во меморијата на Македонците од Австралија од осумдесеттите години од минатиот век.
М-р Мартин Треневски, поранешен министер и амбасадор
Политичките депонии“ многу тешко се деконтаминираат
Во поранешната југословенска заедница, нашата република Македонија беше комплетирана за самостојно опстојување за индустриско производство достојно на државата што ја замисливме и ја сакавме. Имавме органска и неорганска хемиска индустрија, металургија што со своето производство значајно учествуваше во приходите на државата, во вработувањето на нашите граѓани и нивното обезбедување, за опстојување во еден нормален живот. Многу од тоа производство им служеше на граѓаните за одржување на стандардот на живеење. Таква индустрија беше ОХИС – „Билјана“, во кои се произведуваше сѐ што е потребно за денешната пандемиска ситуација во која се наоѓаме (детергенти, санитарна хемија, перхлорати, натриум хидроксид, солна киселина и сл.). Денес сето тоа го увезуваме. Во оваа пандемиска состојба, огромна ќе беше улогата на таа индустрија. Не бевме свесни колку со производите од таа индустрија го зачувувавме здравјето на нашите граѓани. Имавме и загадување, но требаше навремено да ја решаваме замената на некои системи во процесите што беа лошо решени, или сo замена на некои апарати што прават загадување (на пример, замена на живиниот електролизер со мембрански). Такви инвестиции беа неминовни, заради усовршување на апаратите во технолошките процеси. Такви интервенции секаде се потребни, и тоа е неминовност, а тоа го правевме секаде, но не во хемиската индустрија. Затоа направиме големи загадувања во нашата постојна индустрија и брзоплето решивме да ја затвориме. Ги напуштивме фабриките и ги испуштиме нашите искусни кадри (Стаклара – врвни мајстори за работа со стакло, „Згрополци“ – фабриката за вештачки ѓубрива, каде што имавме одлични кадри за управување со процесот и сл.). Ќе развиваме земјоделство, а ја затвориме фабриката за вештачки ѓубрива во центарот на земјоделството. Произведено ѓубриво што не бара многу транспорт е најевтиното ѓубриво, тоа го можевме само со овој систем. Таква фабрика не смееше да се затвори заради нашата генерална определба да го развиваме земјоделството, а нејзината понатамошна работа со потребните суровини (сулфурната киселина) можеше да се реши.
Ние го анатемисавме ОХИС како еден од нашите најголеми загадувачи, најмногу поради депонија од изомерот во кругот на фабриката (од 1967 година). Но да се вратиме назад, каква беше користа од тоа производство (Ди-ди-ти) во времето1950/1960 година, кога беше неопходен прашокот за граѓаните, за развојот на селата, па и на градовите, поради потребата од таквите животно потребни заштитни средства. Тоа што таа депонија остана долго време е немарност на раководните кадрите да ја решат навреме таа депонија.
Хемиските отпади, како и сите отпади, бараат навремена реакција и одговорност, ако не се решат навреме, стануваат голем проблем. Хемиската индустрија бара навремено и одговорно решавање на проблемите од типот на хемиски отпад. Неговото непрописно депонирање предизвикува повеќекратно загадувањето на животната средина.
Не треба да ги напуштиме хемиската индустрија и металургијата заради некои банални направени грешки, како на пример железара во главниот град на државата, или фабрика за согорување оловно-сулфидни руди со локација двесте метра над градот, знаејќи оти ветерот ќе дува од фабриката кон градот. Тоа не треба да биде мерило за понатамошниот развој на оваа индустриска гранка.
Не може такви проблеми да решаваат политичари, кои ја напуштиле својата стручна професија и сега се занимаваат со политика. Таков политичар е „предавник“ пред својата совест, поради неговата промашеност, потрошувајќи го најквалитетното време во своето образование, кое веќе не му треба, и поради политичката определба треба да ја изневерува својата основна професија.
Голем беше делот на вработувањето на нашите граѓани во таа индустрија. Таа индустрија и продуцира кадри што отвораат свои фирми во делови од хемиската индустрија.
Многу од грешките што се направени во оваа индустрија, сега ги правиме и во политиката. Тоа се такви „загадувања“ направени за постоењето на Македонија што многу тешко ќе можеме да ги исправиме и може ќе бараат повеќе време одошто депонијата на ОХИС, која ја отстрануваме од 1967 година до денес. Денес Преспанскиот договор или Договорот со Бугарија се огромни „политички депонии“ и тие многу тешко ќе може да се „деконтаминираат“.
Д-р инж. Стефан Поцев, професор во пензија
Убавино македонска…
Убава земјо, дали во времето што ни претстои ќе се случи да продишеш со своите вековни белодробни крила, да се откријат во тебе одамна положените залози и семе на преобразувањето оставено во тековите на новото време, да порасне во млад човек што не знае за век и време? Пазари за сѐ и сешто на ливaдите покрај стада овци, ти лежиш – мала селска земјо, опиена со поезија и музика, живи дамари полни со живот и јазични извори.
Кој и дали ќе почувствува кога твојот домаќин во дворот тивко ќе ти каже: „Не јадосувај се“ – не сфаќај ја пораката силно пуштена од соседниот двор да одекнува низ карпите – кој ќе почувствува во тој збор талог на вековите? Кој ли ќе помисли дека тој глагол се наоѓа како круна во скалестата когнитивна низа: разбирања-сфаќања-поимања? И дали ќе помисли за неговиот древен корен и народ што го слушнал и паметел тој збор од своите книги? Или ако на овој домаќин му дојде друг, и каже дека го „премостува“ додека зборува за измислени „факти“ од фолклорната фантастика , кој ќе ги разбере семантичките значења: измислуваш, лажеш, се претпоставува дека зад „премостувањето“ се крие збор од неверници. И дека примарната вистина ќе му суди, вистината на верата, а дека секоја друга вистина, макар и она што била најверодостојна, единствена, произлегува од едната и единствена…
Слушаме дека твојот народ излегува „надвор“ и онака, не на некое друго место, туку пред куќа, во двор – по нашки. Немаме проблем да го разбереме твојот јазик, во реалноста тоа е еден јазик, со локални варијанти и неговиот донекаде самостоен дијахрониски развој. Го слушаме тој полуглас што сме го уништиле, средновековен збор, неизбежен во секој збор, барем на неговиот крај, кога ќе го чуeш. „Т’га за југ“ е насловот на песната на Константин Миладинов, каде што тажен и болен млад човек што престојува во северната земја ги оплакува сонцето и благословите на југот во својата татковина.
Не случајно е сонцето на вашето знаме, бидејќи вие сте земјата на југот, но не случајно старото знаме на Александар Македонски го презеде вашето државно раководство денес за да се гордеете со него. Проблемот на единството на нацијата и нејзината независност го бараа уште во античко време, како ништо друго да не можеа да издвојат за да те направат посебна и постојна покрај другите мали балкански земји, туку да копаат низ антиката, која ѝ припаѓа на цела Европа и всушност е грчка. Наместо да ви градат мостови, да уредуваат ниви, да чистат реки и да вработуваат луѓе, тие ја собираат историјата и ве анестезираат со инјекција на национален ентузијазам, кој, сам по себе, без премногу енергија, не значи ништо, дури и да е сува вистина…
А на твоите луѓе не им треба тоа. Како да не знае кој е и што е без дневна политика. Па, за него да не се биде со свој народ и свој е исто како да не се биде. Сетете се само на страшниот израз „непостоење“ на Ацо Шопов пред век и половина и после исказот да го искажете стравот од ова непостоење. Каков политички манифест и тежок како „тага“ што произлегува од вашите печалбарски песни и љубовни плачења и споделување, наместо тага, стари зборови на тага… Но и да постоел и да постои, таа тага на македонскиот народ воопшто не е очај и негирање на животот, туку крик како псалмот: Твојата тага носи печат на жртва и страдање, но и на непрекината љубов, од која потекнува таа убава народна мелодија и поезија.
Братислав В. Лекиќ, новинар од Србија
Бескраен аматеризам на македонската дипломатија!
Македонската дипломатија и натаму настапува без платформа за надворешната политика! Новиот македонски премиер изразува задоволство поради согласноста на неговиот бугарски колега, Бугарија да користи скратено име за нашата држава, Северна Македонија (СМ) и/ли полно име Република Северна Македонија (РСМ)! Неуката македонска дипломатија не разбира дека одредницата Република е најсилен атрибут во името на државата! Дали некој сака наместо република државата да ја прогласи за кралство?
Безброј пати во своите написи укажував дека аматерската македонска дипломатија не разбира колку е значајна одредницата Република во името на државите! На Корејскиот Полуостров има две држави, чии официјални имиња се 1. Народна Демократска Република Кореја (НДРК), која алтернативно се нарекува Северна Кореја и 2. Република Кореја (РК), која алтернативно се нарекува Јужна Кореја! Одредницата република е посебно значајна во односите меѓу Велика Британија и Република Ирска! Овие две земји немаат договор за имињата на нивните држави, но долго време комуницираат на прагматичен начин! Во заемната комуникација на овие земји, Ирска, која има претензии на целиот ирски остров, не ја признава припадноста на Северна Ирска на Велика Британија и во заемната комуникација наместо Кралство Велика Британија и Северна Ирска, го користи името Кралство Велика Британија (без Северна Ирска), додека за својата земја ја користи само именката Ирска (без одредницата Република). Проблем околу името постои и меѓу Народна Република Кина (НРК), која алтернативно се нарекува и Континентална Кина, и Република Кина (РК), која е општопозната како Тајван! НР Кина не ја признава РК и ја смета како нејзина територија! Оваа држава и покрај огромните нејзини напори е признаена од мал број држави. На македонските граѓани им е добро позната авантурата со признавањето на оваа држава!
Ја користам и оваа пригода да потенцирам дека сум длабоко убеден дека доколку македонскиот политички врв ја прифатеше понудата на еминентниот македонски, југословенски и светски дипломат Лазар Мојсов да ѝ помогне на РМ околу нејзиното признавање и етаблирање во меѓународните односи, Република Македонија по осамостојувањето, со поддршка од американскиот претседател Џорџ Буш, по забрзана постапка ќе станеше членка на ООН, а заедно со Словенија подоцна и членка на НАТО и на ЕУ и ќе ја избегнеше голготата што соседните држави ѝ ја прават на РМ! повеќе од три децении.
Не треба да се заборава и фактот што при крајот на минатиот век, околу 140 земји ја признаа нашата држава со нејзиното уставно име Република Македонија! Ирационалната и апсурдна политика на Грција не наидуваше на разбирање во светот, но аматерската македонска дипломатија не знаеше како да го искористи тоа! Македонија ќе поентираше доколку настапеше со идеја за потпишување договор меѓу РМ и Грција, во кој би се навело дека РМ е држава што има утврдени и меѓународно признаени граници уште во времето кога беше во составот на југословенската федерација и која нема територијални претензии кон која било соседна земја, вклучувајќи ја и Грција! Убеден сум дека ваквата платформа ќе беше поддржана од американскиот претседател Џорџ Буш и проблемот за името ќе беше брзо и лесно надминат и Македонија ќе ги избегнеше тормозењата од соседните држави, порано од Грција, а сега од Бугарија. Во 2017 година со ваква иницијатива настапи грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас, кој ја презеде иницијативата и ги реализира интересите на Грција!
Треба да се има предвид и фактот што по уривањето на Берлинскиот ѕид, Америка ја презеде улогата на лидер на униполарниот меѓународен поредок! Меѓутоа, ваквата опција не можеше да се реализира поради екстремната суета на челникот на македонската држава, кој се однесуваше како Македонија да му е дадена на располагање, а не на управување!? Историјата стои пред голема задача, но и одговорност да ја каже вистината и да не дозволи искривување на фактите, со цел да се прикрие одговорноста на политичарите што државата ја доведоа на ова дереџе!
Коста Стоименовски
До редакцијата на весникот „Нова Македонија“ постојано пристигнуваат голем број писма што се однесуваат на различна проблематика. Првиот македонски дневен весник отсекогаш ги негувал и ќе ги негува таа меѓусебна интеракција, почитување и поврзаност со читателите и јавноста. Во таа насока, за да им излеземе во пресрет на сите што ни пишуваат, ги објавуваме клучните поенти од неколку различни писма што ги имаме добиено. Оваа практика ќе продолжи и во следните наши изданија. Ги охрабруваме читателите и понатаму да ни пишуваат, колку што е можно поконцизно. Од Редакцијата