Oд денеска препораките за лекување од ковид-19 се достапни на веб-страница на Министерството за здравство.
-Ги правиме достапни информациите базирани на докази со цел да овозможиме поусогласен пристап до пациентите со ковид-19. Ова се препораки за лекување. За да станат протоколи треба да поминат процедура за прифаќање во законот. Ова е четврта или петта верзија, која е од септември 2021 година. Таа ќе трпи промени како што ќе доаѓаат сознанија од меѓународната заедница. Препораките треба да претставуваат водич за лекарите, а целта е информирање од релевантни извори, истакна претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски на денешната прес-конференција, додавајќи дека препораките немаат обврзувачки карактер.
Тие почнуваат со класифицирање на стадиумот на болеста, а за секоја фаза има препораки за тестирање, лекување и кога да се хоспитализира пациентот.
Петличковски нагласи дека зголемената смртност не е резултат на непочитување на протоколите.
– Зголемената смртност не е резултат на непочитување на протоколи, убеден сум дека докторите се обидуваат да се справат со ситуацијата. Бројките се високи. Има земји со пониски бројки, но тие имаат значително различна здравствена култура од нас – смета д-р Петличковски.