Предложени дополнителни докази во „Меѓународен сојуз“
Јавното обвинителство и обвинетите во случајот „Меѓународен сојуз”, предложија дополнителни материјални и вербални докази. Преставникот на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Трајче Пеливанов, до судот предложи четири материјални докази кои се однесуваат на обвинетите Бојан Јовановски и Фросина Ременски. Истовремено, свои материјални докази предложи и првообвинетиот Бојан Јовановски, кој побара од судот да се изведат како докази вацап-комуникациите меѓу него и поранешниот премиер Зоран Заев, односно министрите Мила Царовска, Горан Сугаревски, и поранешни претставници од локалната власт.
Воедно, правниот застапник на правното лице Меѓународен сојуз, Иванка Јакимовска, пред новинарите после денешното рочиште истакна дека правниот субјект Меѓународен сојуз во своето дејствување нема никакви елементи на кривично дело, туку се работи за чист граѓанско-правен однос.
– Сметам за потребно да појаснам дека иако се работи за предмет кој е во фаза на доказна постапка јас како преставник на правното лице Меѓународен сојуз, стојам на становиште дека во неговите дејствија, односно во договорите и пред договорите кои што се направени во име и на сметка на правното лице не постои ниту еден доказ дека се работи за кривично дело – рече адвокатот Јакимовска.
На денешното рочиште за случајот „Меѓународен сојуз” според редоследот своја одбрана требаше да даде обвинетата Фросина Ременски, меѓутоа пред судот таа посочи дека во овој стадиум на судењето нема да го искористи ова право со образложение дека одбрана може да се дава во секоја фаза на постапката.
– Не бегам воопшто од испитување, напротив сметам дека не смее судот да дозволи во ова фаза инверзија на товарот на докажување. Товарот на докажување според закон е обврска на ЈО, преку главната расправа, преку изведените докази да докаже вина на обвинетите – наведе Ременски.
Според неа, во овој случај на неизведени материјални докази, на докази што одат во прилог на она што цело време го истакнува, е дека постои сериозна злоупотреба во само јавно обвинителско постапување.
– Од главната расправа и се тоа што произлезе, произлегува дека преставници на локалната или извршната власт кои што имале конкретни овластувања непосредно, директно, усно комуницирале со Меѓународниот сојуз, тоа не сум јас во овој случај. Лице од законодавната власт не може да создава некаков субјективен впечаток, напротив тој впечаток веќе бил создаден ако го имал. Но, тоа воопшто не алудира на инкриминирачки дејствија кон ниту еден од посочените кој од локалната или извршната власт – рече Ременски.
Судењето за овој предмет го води судијката Софче Ефремова-Гаврилова.
Меѓу обвинетите во овој случај се и Миле Јовановски, (таткото на првообвинетиот) и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Првобвинетиот Бојан Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“, Ременски за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.