Самите податоци, записи и сведоштва дека Бугарската и Српската црква ги делеле селата во Македонија, наметнувајќи им не само вера во бога туку и национална припадност според црквата во која припаѓаат, доволно зборуваат на каков духовен терор биле изложени Македонците, кои немале своја црква по укинувањето на Охридската архиепископија, па затоа со сите средства биле принудувани да се приклонуваат кон едната или кон другата црква како асимилирани припадници на еден или друг народ. Црквите биле толку моќни и влијателни, што освен верска, наметнувале и национална пропаганда и асимилација
Од историските архиви: Бројки и факти од записите за асимилација во Македонија од страна на Бугарија и на Србија
Македонците опстанале и во многу сурови антимакедонски времиња. Историските записи ја потврдуваат единствената историска вистина – дека Бугарите и Србите низ историјата, со своите пропаганди, жестоко се бореле да ја побугарат или посрбат секоја македонска куќа, применувајќи најжестоки методи, сила и терор за да ги присилат луѓето да одат во една или во друга црква, односно родителите да ги праќаат своите деца во српско или бугарско училиште, а со тоа насилно да ги асимилираат.
Тешка пропагандна борба меѓу
Бугарите и Србите за побугарување
или посрбување на Македонците
Пред сто и шеснаесет години, П.Н. Даскалов, во печатницата „Вечерна пошта“ во Софија, ја печати својата книшка под наслов „Денешната состојба во Македонија“, во која, всушност, ги собира на едно место репортажите направени за време на неговиот повеќемесечен престој во повеќе градови и села низ земјата. Во книшката пишува дека македонското население по востанието е целосно обезоружено, па ниту еден Македонец не може да поседува и да носи оружје. За разлика од нив, како што вели Даскалов, Арнаутите насекаде шетаат вооружени. Македонците не смеат да носат оружје, па се изложени на малтретирање и постојано се на нишан на Арнаутите, кои ги убиваат насекаде, и по полето, и во селата, и во градовите. Освен ова, особено се интересни и неговите сведоштва за пропагандите, односно за пописите на куќите што биле под притисок да потпаднат кон една или кон друга пропаганда: „Статистичките податоци“, пишува Даскалов, „се собрани на самото место и јас гарантирам за нивната точност. Во Бугарија не треба никој да се мами. Ние треба да ги знаеме нашите противници и треба да водиме сметка за нивната сила. Покојниот К’нчев згреши кога пред шест години, во својата книга ‘Македонија’ предвиде дека ‘србизмот не може да фати почва во Македонија’. Дека не е така ќе се увериме со фактите што ги собрав на теренот.“
Според податоците препишани од книгите на парохиските свештеници во Скопската каза, но и според фактите што Даскалов лично ги проверувал на терен заедно со месните свештеници во црквите, во почетокот на 1904 година односот на егзархиски и патријаршиски куќи, односно меѓу таканаречените бугарски и српски семејства во Скопје бил убедливо на страна на Бугарите. Имено, во Скопје, во 1904 година имало 1.663 куќи што биле под капата на Бугарската егзархија, а само 43 куќи биле таканаречени патријаршисти, или србомани, како што ги нарекува Даскалов. За разлика од Скопје, состојбата во скопските села била сосема поинаква. Така, на пример, во Кучевишта сите 180 куќи биле патријаршиски, односно србомански, за разлика од Мирковци, каде што 57 куќи биле србомански, а 55 бугаромански. Во Чучер, сите 70 куќи биле под надлежност на Пеќската патријаршија, а во Кожле 75 куќи биле под Бугарската егзархија, а 15 куќи биле таканаречени србомани. Во Бардовци, село што пред стотина години имало 21 куќа, семејствата биле речиси еднакво поделени меѓу двете пропаганди, односно 10 куќи биле под влијание на патријаршијата, значи србомански, а 11 биле под влијание на бугарската пропаганда, односно бугаромански, иако, се разбира, сите биле Македонци. Селото Кучково, на пример, имало 70 куќи или семејства, и сите биле припадници на црквата што била под капата на патријаршијата или, како што вели Даскалов, сите биле србомани. Слична е поделеноста и во преостанатите села во Скопската каза: во Булачани, 24 куќи биле србомански, а 75 бугаромански, што значи дека Македонците биле поделени на Срби и Бугари во зависност од тоа во која црква оделе семејствата. Во Бањани, сите 75 куќи биле србомански, односно целото село било запишано во тефтерите на таканаречената Српска црква; бањанци биле присилени да ја прифатат српската пропаганда, како што во Глумово дури педесет куќи милум или силум влегле под капата на бугарската егзархиска пропаганда.
Во секој случај, самиот податок дека црквите ги делеле селата, наметнувајќи им не само вера во бога туку и национална припадност според црквата во која припаѓаат, доволно зборува на каков духовен терор биле изложени Македонците, кои немале своја црква по укинувањето на Охридската архиепископија, па затоа биле принудувани да се приклонуваат кон едната или кон другата црква како еден или друг народ, иако припаѓале на исто семејство, односно биле браќа или сестри, кои, благодарение на црквите, иако биле од една мајка и татко, припаѓале на два туѓи народа што преку црквата ја наметнувале својата национална пропаганда.
Пропагандна војна во Тетово и во Куманово!
Во Тетово, според Даскалов, српската пропаганда преку патријаршијата речиси сосема ги презела верниците, па во сите села, освен во Туденци и Шемшево, сите семејства ги собрала под своја капа. Така, на пример, во селото Брезно сите 85 семејства, како што вели, биле србомански, односно оделе во црква под српска јурисдикција; во Вратница сите 110 куќи биле патријаршиски, во Сиричино сите 41 куќа биле патријаршиски, односно сите селани што оделе во црквата за да ги слават своите христијански празниците, српската пропаганда ги сметала за Срби. Така било и со 48 семејства во Одри, во Рогачево, Озморишта, Долна Лешница, Горнаци и другите. Само во Туденци, покрај 23 таканаречени српски куќи, имало и дваесет таканаречени бугарски куќи. Во Шемшево, пет куќи ѝ припаѓале на српската пропаганда, а три на бугарската. За разлика од селата, градот Тетово во почетокот на минатиот век бил контролиран од Бугарската егзархија, па, така, 820 семејства биле под капата на егзархијата, а 200 куќи оделе да ги слават своите верски празници, да се венчаваат и да се погребуваат во таканаречената Српска црква. Слична била состојбата пред сто години и во Гостиварската каза. Според деталниот преглед на Даскалов, објавен во 1906 година во Софија, таканаречени српски куќи во Гостивар биле три, а бугарски 17 куќи. Во селата, народот бил поделен, односно распнат меѓу двете пропаганди, па, така, во Зубовци, на пример, 42 куќи биле српски, а 52 бугарски. Во Леуново, според истиот речник на пропагандите, 52 куќи биле српски, а 40 бугарски куќи. Во Маврово, 35 куќи ѝ припаѓале на Српската патријаршија, а 111 на Бугарската егзархија, што значи дека бугарската пропаганда во селото била речиси четири пати посилна од српската. Обратно од Маврово, во селото Дебреше, на пример, каде што сега нема речиси ниту еден христијанин, имало вкупно 44 куќи, од кои 10 биле српски, а 34 бугарски.
Во градот Куманово, кој во тоа време, пред сто години, имал околу илјада христијански куќи, 850 биле бугарски, а 208 српски, односно им припаѓале на Српската црква и српската политичко-просветна пропаганда. Ваквиот податок е во спротивност со вообичаеното, всушност наметнато мислење дека Куманово наводно отсекогаш било доминантно србомански град. Пред сто години очигледно не било така, односно бугарската пропаганда успеала да направи голем пробив меѓу населението, контролирајќи четири пати повеќе куќи од српската црковно-просветна пропаганда во градот. Во селата состојбата била обратна – поголем број домаќинства биле опфатени со српската пропагандна мрежа. Бидејќи списокот е подолг, овде ќе наброиме само неколку примери за да се види соодносот на пропагандите на теренот. Во селото Старо Нагоричани, сите 145 куќи ѝ припаѓале на Српската црква; Довезенце – сите 85 куќи биле под патријаршијата, односно сите семејства во селото, според српската пропаганда, биле Срби.
Во Табановци, во сите 65 куќи пеел српски поп. Во Клечовце сите 25 куќи биле србомански. Во Никуњани сите 80 куќи го славеле Свети Сава; во Лопате, Слупчане, Опае, Ваксинце, Отла и Липково сите, околу 150 христијански куќи заедно, ѝ припаѓале на Српската црква, односно српската пропаганда. Само во десетина села семејствата биле поделени меѓу двете пропаганди, а меѓу нив само во пет имало доминација на таканаречените бугаромани. Во Бељаковце, 30 куќи се молеле пред српски, а 47 пред бугарски, егзархиски поп. Во Пелинце, 25 куќи имале шајкача закачено на вратата, а 40 бугарска фурашка. Во Челопек само осум куќи биле под заштита на Српската, а дури 68 под закрила на Бугарската црква. Мошне интересен е и податокот за Крива Паланка, каде што пред сто и шеснаесет години само две куќи биле србомански, а дури 255 му припаѓале на паството на Бугарската егзархиска црква. Во Ранковци, на пример, три куќи имале шајкача како национално обележје на народот на чија црква ѝ припаѓаат, а дури 120 оделе во црквата што им велела дека се Бугари. Во Кратовската каза населението исти така било поделено меѓу двете пропаганди, па во градот Кратово, 30 куќи односно семејства оделе во Српската, а 260 во Бугарската егзархиска црква. Во селото Злетово, дванаесет куќи односно дванаесет семејства биле верници на Српската црква, милум или силум прифаќајќи ја српската пропаганда, а 115 куќи верувале дека Бугарската егзархија е поблиску до бога и до слободата. Во Кочанската каза исто така населението е поделено меѓу српската и бугарската пропаганда, но, сепак, што е по малку можеби изненадувачки, доминира српската пропаганда, освен во градот, каде што тој однос е 260 егзархиски семејства наспроти само шест патријаршиски. Во книгата на Даскалов, Штипската и Даревската (Делчевската н.з.) каза се „чисто бугарски“. Двете кази имаат 4.271, како што вели, „чисто бугарска куќа“.
Кандило, кама и револвер!
Во 1904 година, во овој дел од Македонија, според Даскалов, српската пропаганда под своја контрола и влијание имала 8.244 семејства, а бугарската 23.379 семејства. Загрижувачко е тоа, како што вели тој, што во Скопската каза секоја година расте бројот на србомански куќи, па сега таа бројка изнесува 3.980, што е за една третина повеќе од српските семејства регистрирани десет години пред тоа. Споредувајќи ги податоците од теренот, Даскалов со жалење констатира дека во Скопско, Штипско и Царевоселско за последните две години Бугарската егзархија изгубила 1.389 семејства, а придобила само 227 семејства. Значи, како што смета тој, треба да се работи многу повеќе на теренот, па дури и со сила, како што прават Србите. „Такви примери има многу, но овде ќе наведам само неколку“, пишува Даскалов.
„На 22 ноември 1904 година, српскиот архијерејски намесник во Куманово, поп Ташко и ѓаконот Стојан го претепале со бастуни среде чаршија Трајко Мишев, писар на бугарскиот архијереј. Кон крајот на месецот со насилство, тепање и заплашување, српски чети ги малтретирале селата Длабочица, Светешинци, Буковљани и Рамно да се откажат од егзархијата и да ја признаат патријаршијата. Во Рамно насила го затворија бугарското училиште. На осми март 1905 година, српска чета влезе во Младо Нагоричани и со сила, со тепање и заплашување го посрби половина село. Преостанатиот дел од населението избегало од селото и ноќта останало по околните долови и ридишта. На петти јануари 1906 година со писмо, со закана со смрт, бил заплашен бугарскиот поп од Руѓинце; ќе биде убиен на Велигден, ако не стане Србин заедно со целото село. Но силата на србизмот може најдобро да се види во Горно и Долно Порече, каде што од 39 села, со 1.298 куќи, само селото Локовица, со 110 куќи, е егзархиско. Сите други 38 села се србомански. Порече сега е едно важно стратегиско место за дејствување на српските чети, кои од таму слегуваат веќе во Прилепско, за да заземаат нов простор за србизмот во Македонија. Ако не се преземат одлучни мерки, прашање на ден е нашиот пораз во цела Македонија“, пишува Даскалов. Ако се пренесе ова во „современ“ контекст, Бугарија во моментов не бара ништо друго од Македонија, само да ги прифати пропагандите како сопствена историја и да оди напред кон ЕУ, без Македонците, се разбира.
Автор:Блаже Миневски