На состанокот на Северноатлантскиот совет

Македонија има стабилен раст на одбранбениот буџет кој годинава достигна 1,77 проценти од бруто-домашниот производ, а до 2024 година ќе се искачи до проектираното ниво од 2 проценти од БДП. Истовремено, државата континуирано вложува и во модернизацијата на вооружените сили и имајќи предвид дека модернизацијата опфаќа над 30 проценти од буџетот за 2022 година, земјава се вбројува во групата од 24 НАТО сојузници кои по таа основа веќе ги исполнија насоките од Самитот на Алијансата во Велс.

Како што соопшти Министерството за одбрана, министерката Славјанка Петровска за овие значајни достигнувања ги информирала министрите за одбрана на сојузничките земји на сесијата посветена на буџетирањето и издвојувањето за модернизација на Армиите на земјите членки.

Министерката посочила дека буџетот за нашата одбрана за 2022 година е двојно поголем од буџетот пред само четири години, што покажува дека земјата во целост ги почитува одлуките кои заеднички се носат во НАТО.

– Земјата на минатиот министерски состанок на НАТО ги доби своите цели на способности и веќе започна со нивна имплементација, особено имајќи предвид дека тоа е поддржано и со потребни финансиски средства. Во контекст на модернизацијата, во тек е набавката на нови оклопни транспортери од американско производство за Армијата, преку повеќегодишни договори од типот Влада со Влада – се вели во соопштението од Министерството за одбрана.

Министрите за одбрана, вклучувајќи ја и министерката Петровска, се додава во соопштението, на оваа сесија ја потврдиле заложбата за зацврстување на колективната безбедност преку континуиран раст на одбранбените буџети на земјите – членки на НАТО и одвојувањето на минимум 20 проценти од овие средства за модернизација и опремување на своите вооружени сили.