Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја отвори сесијата на Северноатлантскиот совет на министрите за одбрана, посветена на справувањето со Русија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Столтенберг пред почетокот на седницата порача дека е „внимателен оптимист“ во однос на најавите на Москва за дипломатско решавање на конфликтот со Украина и повтори дека НАТО констатира зголемување на руското воено присуство на границата, за разлика од пораките од Кремљ кои велат дека Русија се повлекува.
– За сега немаме знак на деескалација на терен, НАТО не претставува закана за Русија, сакаме дијалог и изнаоѓање на пат напред, работиме за најдоброто, но се подготвуваме за најлошото – рече шефот на Алијансата, нагласувајќи дека е зголемена подготвеноста на НАТО за одговор.
Министрите за одбрана на 30-те земји членки на НАТО на оваа седница ќе зборуваат за обесхрабрување на Русија, подготвеност да се одговори на напад или инвазија од руска страна, но и за продолжување со дипломатските напори.
Северноатлантската алијанса на крајот на јануари испрати предлози до Москва за теми за кои западот е подготвен да разговара со Русија за да ги смири тензиите, но НАТО го одбива барањето на Русија да се откаже од евентуално членство на Украина во западниот воен сојуз.
Столтенберг утрово нагласи дека таквата одлука може да ја донесат исклучиво земјите членки на НАТО, и земјите кандидати да изразат желба суверено да аплицираат, но дека во ниеден случај не може да се склучи правно обврзувачки договор со Русија во кој НАТО би се откажало од членството на Украина или било која друга држава.
Утре министрите за одбрана на НАТО ќе ги сослушаат и нивните колеги од Украина и од Грузија на посебна седница.
Во меѓувреме Русија и натаму тврди дека се повлекува од украинската граница, но според шефот на Алијансата ова раздвижување не е ништо ново и дека подготвеноста на руските трупи во секое време да се вратат назад и да нападнат останува голема. НАТО бара поцврсти докази за деескалација и волја за дипломатско решение.