Британската премиерка Тереза Меј изјави дека, како и да завршат преговорите со Европската унија, таа ќе направи британското напуштање на Унијата да биде успешно.
– Верувам во Брегзит. И, што е уште поважно, верувам дека Брегзит може да се реализира на начин на кој ќе се испочитува гласот на граѓаните, а во исто време ќе се заштити нашата заедница, нашата економија и ќе се загарантира дека Брегзит ќе носи успеси во иднината-изјави Меј, ветувајќи дека ќе го почитува гласот на граѓаните од референдумот во 2016 година кога Британците се изјаснија за напуштање на ЕУ.
Британија и ЕУ водат мачни преговори за регулирање на нивните идни односи откао Британија ќе излезе во март 2019 година, а лидерите на ЕУ неодамна го отфрлија предлогот на Меј – таканаречениот „план од Чекерс“.
Како одговор, Меј изјави дека Британија е подготвена да ја напушти ЕУ дури и ако не постигне договор за натамошно регулирање на нивните односи.